Фото: Горан Анастасовски

Дарин
Денес купил Дарин
со своите пари,
најубаво лале
за баба му Вале.
Па ѝ рекол вака:
– Бабо јас те сакам.

Штом го виде баба
и кога го слушна,
своето мило внуче
го прегрна, гушна.
– Штом те видам тебе
бабо моја мила,
јас сум како птица
со нежни, бели крилја.

Полско цвеќе

Скокаа потполошките
низ ливадите,
крај овошките,
во полето Вердани.
Беревме полски цвеќа
ги нижевме како ѓердани,
како најцветни рамки
за слика.
А ние ѕиркавме низ нив
во денот од среќа бликнат,
од среќа, од полски цвеќа
пролетта нѐ опиваше,
развигор нежен од гора
навечер нѐ заспиваше.

На печалбарите

Над Белибрег белееше
снегот
кога ги испраќаа
печалбарите
на сретсело.
Тие утра жален беше брегот
чиниш дека и тој на
разделба слегол
невесело.
И реката што наблизу тече
шумолеше потивко
од другпат,
мислев дека текот ѝ е свечен -за испраќање.
А сликата беше
сосема друга
на враќање.
Весел брегот,весел снегот,
песна пее и весела река,
весел поглед и во детско око,
на сретсело – печалбар што чека.

Не фрлајте отпадоци

– Не фрлајте отпадоци –
ни велат возрасните –
ќе ви стане навика
кога ќе пораснете.
Еве еден совет
секоја да го сфати,
– сѐ што денес правите,
утре ќе ви се врати.

Брод

Плови бродот по морето
танцува на морски бран,
тој на сите морнари
е подвижен морски стан.
Низ морето како куќи
бродовите пловат мирно
и галеби бели птици
над синило морско ширно.
Бродот има пристаниште
да одмори, да застане,
а потоа пак да плови:
– Мирно море, капетане.


За авторот

Наум Попески е автор на околу 20 книги за најмладите читатели, како и на првиот бонтон за деца во земјава. Застапуван во сите читанки по македонски јазик за основно образование, преведуван е на повеќе балкански јазици, застапуван во повеќе антологии на поезијата за деца, како и учесник на многу меѓународни литературни манифестации за деца во земјава и во регионот. Тој е член и на Здружението на новинарите и на Друштвото на писателите на Македонија.
За своето долгогодишно плодно поетско творештво за деца е добитник на повеќе награди и признанија.