Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во овој подготвителен период се предвидени пријателски мечеви со Црна Гора и со Грција. Македонија на ЕП 2024 е во група со Германија, Франција и со Швајцарија

РАКОМЕТ – РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ЕП 2024

Македонската ракометна репрезентација по првиот собир во Скопје денеска треба да замине за Стара Пазова (Србија), со што и официјално ќе ги почне подготовките за Европското првенство (ЕП) во Германија во јануари. Селекторот Кирил Лазаров веќе го објави списокот со 19 играчи, но предвид има и осум резерви. Во овој подготвителен период е предвиден пријателски меч со Црна Гора, а на 4 и 5 јануари во Скопје се закажани средби со Грција, со која црвено-жолтите неодамна одиграа два меча во Солун (реми 29-29 и победа 23-22). Македонија на ЕП 2024 е во група со Германија, Франција и со Швајцарија (првата средба е на 10 јануари со Франција). Првите две селекции од осумте групи и најдобрите четири третопласирани ќе играат во следната групна фаза.
– Свесни сме за квалитетот на нашите ривали што нѐ очекуваат во Германија, но сметам дека тоа ќе биде само дополнителен мотив за напорна работа. Во спортот постојано се случуваат изненадувања, наше е само да веруваме и да сме подготвени, а ако дојде таа шанса, да ја искористиме – вели десниот бек на репрезентацијата на Македонија, Мартин Велковски.
За Македонија ова ќе биде осмо ЕП, најдобриот пласман го оствари во 2012 година, кога го освои петтото место, Франција играла на 15 ЕП, има три злата и две бронзи, Германија на 14, освоила две злата и по едно сребро и бронза, а Швајцарија на четири шампионати и нема медал. Титулата ја брани Шведска, која е и најуспешна репрезентација, со пет злата и едно сребро. Г.И.