Во кариерата долга повеќе од три децении, Мортен Субак беше тренер на четири различни континенти (Европа, Јужна Америка, Африка и Азија), виде речиси сѐ што може да се види во ракометот, a малку тренери можат да се пофалат со вакво искуство во своите кариери. Сега тој е помошник на Јан Питлик, селекторот на Саудиска Арабија, а тој беше селектор и на првата неевропска репрезентација, Бразил, која победила на СП во машка или во женска конкуренција, како и тренер што го подигна првиот женски Суперглоуб со клубот од Ангола, Примеиро де Агосто

МОРТЕН СУБАК, РАКОМЕТЕН СТРУЧЊАК

Данска, Бразил, Ангола, Романија и Саудиска Арабија се репрезентациите што ракометниот стручњак Мортен Субак ги тренираше во текот на својата кариера со невиден успех. Тој беше селектор и на првата неевропска репрезентација, Бразил, која победила на светското првенство (СП) во машка или во женска конкуренција, како и тренер што го подигна првиот женски Суперглоуб со клубот од Ангола, Примеиро де Агосто.
Сега е помошник на селекторот Јан Питлик (58), кој ја предводи машката сениорска репрезентација на Саудиска Арабија на Светското првенство што е во тек во Полска и во Шведска, пишува на интернет-страницата на Светската ракометна федерација (ИХФ).
– Кога Питлик ми се јави и ме замоли да му бидам помошник во репрезентацијата на Саудиска Арабија, никогаш не се двоумев. Отсекогаш сум сакал предизвик, а ова ми беше нов. Реков да, и еве сум на уште едно светско првенство – вели Субак.
Во кариерата долга повеќе од три децении, Субак беше тренер на четири различни континенти (во Европа, Јужна Америка, Африка и во Азија), виде речиси сѐ што може да се види во ракометот. Малку тренери можат да се пофалат со вакво искуство во своите кариери.
Но како почна сето тоа?
– Имате време? Веројатно ќе разговараме до крајот на годинашново Светско првенство – рече данскиот тренер. – А, како и секоја добра приказна, се почнува во детството. Можеби нема врска со ракометот, но за мене имаше огромно значење. Рано се вљубив во Бразил, го сакав фудбалот кога бев дете и татко ми ми кажа многу за Пеле. Тогаш, во почетокот на 1970-тите, немаше премногу мечеви што се пренесуваа на телевизија. Но, приказните што ги слушнав беа неверојатни. Напишав еден од моите први текстови во училиште за Пеле и за бразилскиот фудбал и се вљубив во нивната култура. Дури и го запознав Пеле во Копенхаген, кога Бразил ја презентираше својата понуда за Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро во 2016 – додава Субак.
Таа љубов кон Бразил го натера да го научи португалскиот јазик и на крајот да се пресели во земјата во 2007 година, преземајќи ја тренерската улога во Пинеирос, една од моќните екипи во бразилскиот машки ракомет. Две години подоцна, тој ја презеде женската репрезентација на Бразил, која ја тренираше до 2016 година, создавајќи го најдобриот период со петто место на Светското првенство во 2011 година, шесто на Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година и на крајот ја освои светската титула на шампионатот во Србија, во 2013 година.

– Тоа се исклучителни спомени. Кога бев дете и сонував за Бразил, никогаш не помислував дека таму ќе ја донесам светската титула. Тоа беше нешто како бајка, нешто како книга, неверојатни карактеристики на одличен тим – се присетува Субак.
По Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро (Бразил) во 2016 година, Субак се повлече од репрезентацијата на Бразил и презеде уште еден голем предизвик, прифаќајќи да биде тренер во Ангола.
Тоа беше друг континент, тотално различна култура, со талентирани но неискусни ракометари, на кои им требаше соодветно водство. Сепак, Субак не ги повтори истите одлични перформанси како во случајот со Бразил, завршувајќи на 19-то место на Светското првенство во Германија во 2017 година и на 15-то во Јапонија во 2019 година.
– Разликата меѓу европскиот ракомет и оној од другите континенти е во тоа што во Европа имате соодветен систем за развој на таленти и, исто така, одлични лиги каде што играчите можат да се подобрат. Тоа им недостига на тимовите од Ангола и од Бразил во нивните домашни натпреварувања. Немате 14 или 18 екипи како во Европа што можат да се борат за трофејот, но сега и таму работите се подобруваат, има многу талентирани играчи што имаат одлични вродени квалитети, кои треба само да се точат за да го стекнат потребното искуство – појаснува Субак.
Субак го заврши својот престој во Ангола во 2021 година и по неколку месеци во тимот на Дунареа Браила, во романското женско ракометно првенство, данскиот тренер го доби повикот од Питлик и се впушти во сосема ново искуство, враќајќи се во машкиот ракомет по пауза од повеќе од една деценија.
– Ова е првпат да не го зборувам јазикот каде што тренирам, но играчите зборуваат англиски, така што не е толку тешко. Ова е долгорочен проект, се обидуваме да го развиеме ракометот тука, а играчите имаат квалитети. На пример, загубивме толку многу од репрезентациите на Словенија и на Франција затоа што направивме многу грешки. Ова е нешто на кое треба да работиме. Талентот е таму, само треба да се негува – вели Субак. Г.И.