РАКОМЕТ – ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИТЕ НА СП 2023 (4)

Во пресрет на Светското првенство (СП) за ракометари, кое почна вчера во Полска и во Шведска, ви ги претставуваме репрезентациите, овој пат последните две групи, Г и Х.
ГРУПА Г (Египет, Хрватска, Мароко, САД): Од 1964 година Египет учествувал на 16 СП, а највисок пласман е четвртото место во 2001 година. Селектор е Шпанецот Роберто Гарсија Парондо, а клучни играчи се средниот бек Јахја Ел Дера, пикерот Мохамед Мамду и левиот бек Али Зеин. Хрватска последниот медал на СП го освои во 2013 година, кога беше трета. Ударни играчи во селекцијата на Хрвое Хорват се левиот бек Домагој Дувњак и средните бекови Игор Карачиќ и Лука Циндриќ. САД на СП 2021 требаше да направи враќање на СП, но појавата на ковид-19 ги принуди да се повлечат од СП. САД учествувале шест пати на СП и се без победа. Селектор е Роберт Хедин, а ударни играчи се левото крило Сам Ходерсен, левиот бек Абу Фофана и средниот бек Александре Чан Бланко. Мароко на ова СП ќе го има седмото учество, ги предводи селекторот Нуредин Бухдиоуи, а клучни играчи се десното крило Резуки Реида, левиот бек Мохамед Езин и десниот бек Насим Фугани.
ГРУПА Х (Данска, Белгија, Бахреин и Тунис): Актуелниот светски шампион Данска повторно има тим за златен медал. Селекторот Николај Јакобсен смета на 18 ракометари, меѓу кои четворица може да дебитираат. Носители на играта се голманот Никлас Ландин, левиот бек Микел Хансен и средниот бек Расмус Лауге. Поголемиот број ракометари на Белгија настапуваат во домашниот шампионат, а шестмина играат во Франција. Селектор е Јерим Сила, а предничат средниот бек Арбер Керими и левото крило Дамиан Кедзиора. Бахреин, за кој настапот на СП ќе биде петто учество, на ЛОИ во Токио беше осми. Селектор е Арон Кристијансон од Исланд, а носители на играта се десното крило Ахмед Фадул и средниот бек Хусаин Алсајад. Тунис од 1995 година е присутен на сите мундијали, а најголемиот успех го оствари во 2005 година, кога во Португалија играше за бронзен медал. Селектор е Патрик Казал, а главни играчи се десното крило Усама Буганми и средниот бек Мохамед Дармул. Г.И.