Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Недоумицата на јавноста може да се сублимира во прашањето зошто ако сите имаат и имале ентузијазам да се искорени корупцијата, таа се појавува и понатаму како хроничен и напреднат проблем. Повеќето наши соговорници издвојуваат идентичен став дека „имајќи ги претходните искуства од еден меѓународен проект во Македонија за справување со организираниот криминал и корупцијата (како што беше проектот СЈО)“, неопходно е сега да се создадат механизми овој пат „борбата со организираниот криминал и корупцијата да не биде изманипулирана од некакви политички интереси и компромиси“, а оние што помагаат однадвор „токму сега особено ќе внимаваат“ на тоа

Зошто ако сите имаат ентузијазам да се искорени корупцијата, таа се појавува и понатаму како хроничен и напреднат проблем?

Повеќето македонски политичари изразија став на одобрување на американскиот тим за борба против корупцијата, кој беше во Скопје на крајот на минатата година, за да ја скенира состојбата со корупцијата во Македонија. И за посетата на советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, која беше одложена неколку седмици, јавниот став што доаѓа од македонските политички кругови е дека тој се очекува со нетрпение, за конечно со сериозен арсенал да започне борбата со корупцијата во земјава, генерирана токму од највисоките општествени скалила.

Меѓународната заедница одамна детектирала од каде се шират корупциските концентрични кругови во македонското општество

Актуелната амбасадорка на САД во Македонија, Анџела Агелер, пред пристигнувањето на Шоле уште еднаш нагласи дека борбата против корупцијата во Македонија е приоритет број еден на Вашингтон, а советникот на Стејт департментот во Скопје ќе отвори неколку специфични прашања. Агелер уште пред крајот на 2022-та порача дека на правосудниот сектор во Македонија му требаат повеќе истраги и обвиненија за да се покаже дека никој не е над законот и дека корумпираноста во сите форми и облици е најголем општествен проблем.
И заменикот на помошник-државниот секретар на САД и специјален претставник, Габриел Ескобар, најави дека се предвидуваат санкции за корумпирани официјални лица од Балканот, целејќи на поранешни или сегашни високопозиционирани општествени фактори – изворот на корупциските метастази.
Приоритетите во борбата со корупцијата ги нагласи и евроамбасадорот во Скопје, Дејвид Гир, порачувајќи им на македонските политичари дека сите треба да се посветат на реформите, кои опфаќаат широк опсег на прашања, од владеење на правото, борба против корупцијата, подобрување на стандардот на живеење. Според евроамбасадорот, иако овие процеси треба да ги предводи Владата, сепак сите политичари, без разлика од која партија доаѓаат, мора да работат заеднички во интерес на државата и исполнување на критериумите и условите за влез во Европската Унија.
– Тоа е работа што треба да ја предводи Владата, но исто така е нешто што мора да ги обедини сите, од сите политички страни, од сите страни на општеството, да се обединат, заеднички да работат, да се постигне демократска, мирна и просперитетна земја во рамките на ЕУ – истакна Дејвид Гир.

Не смее да има политички опортунитет и компромиси со правдата и борбата со корупцијата

Решителноста за справување со корупцијата во Македонија, изразена во изјавите на домашните политичари, но и на влијателните меѓународни фактори, создава една изместена перцепција за проблемот на македонското општество со оваа речиси хронична девијација во политичкиот амбиент. Всушност, недоумицата на јавноста може да се сублимира во прашањето зошто ако сите имаат и имале ентузијазам да се искорени корупцијата, таа се појавува и понатаму како хроничен и напреднат проблем. Имајќи ги претходните искуства од еден меѓународен проект во Македонија за справување со организираниот криминал и корупцијата, како СЈО, се наметнуваат одредени резерви во смисла дали овој пат борбата со корупцијата во Македонија ќе успее да не биде изманипулирана од некакви политички интереси и компромиси.
– Не смее да има политички опортунитет и компромиси со правдата и борбата со корупцијата. Тоа е почетната позиција ако навистина се очекува искоренување на високата корупција и организираниот криминал. Кај нас во Македонија нема организиран криминал од видот на мафија, но секој вид организирана корупција е длабоко испреплетен со политиката, односно под заштита на политичките партии на власт. Така што некако се апсурдни „радоста и нетрпението“ што ги изразуваат политичарите за да започне борбата со корупцијата што би ја предводел странски, односно американски тим. Македонските политичари како да сакаат да порачаат „нека почне борбата со корупција, ама не од мене, зашто не сум корумпиран“. Не сум сигурен колку би бил успешен овој проект на американска помош за борба против корупцијата во Македонија, со оглед дека имаме едно неуспешно искуство со СЈО (кое во голема мера беше американски проект), кое заврши со дебакл на борбата со корупцијата пред политичкиот опортунизам. Освен тоа, САД, па и ЕУ, немаат извршна надлежност во Македонија, на пример за апсење на корумпираните политичари. А корумпираните политичари во Македонија нема да се уапсат самите себе, доколку им биде доверена борбата со корупцијата. Можеби едно ефективно решение би било да му предадеме одредени уставни и законски надлежности на сериозен странски фактор (САД или ЕУ) извесен период да управува со обвинителството, полицијата судството, за да се расчисти со корупцијата – вели адвокатот Александар Тортевски.

Да му се даде шанса на планот на американската администрација за борбата
против корупцијата

Резервираноста и внимателноста во Македонија за вакви антикорупциски проекти однадвор се очигледни, со оглед на дебаклот на СЈО, кое имаше голема меѓународна поддршка, а од она што видовме од него, наместо да расчисти со корупцијата, се претвори во нејзино легло – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции.
Тој вели дека „секоја држава треба да се труди и да биде одговорна за справување со корупцијата во својот државен систем“.
Но се покажаа нашата незрелост и неефикасност, особено од носителите на највисоки јавни функции, за кои познавачите на оваа проблематика издржано аргументираат дека „корупциските поведенија се генерирани токму од највисоките општествени слоеви и како такви тие се системски вградени во општеството, при што веројатноста да се автоелиминираат е невозможна“. Точно дека борбата со корупцијата треба да ја водат домашните институции, а добронамерна странска помош е силен импулс, бидејќи сепак нивните институции немаат извршна надлежност во Македонија.
– Но да му дадеме шанса на советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, да го објасни планот на американската администрација за борбата со корупцијата, како во Македонија, така и во регионот. Очигледно, станува збор за регионален проект на САД за борба против корупцијата на Западен Балкан вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции.