Фото: Игор Бансколиев

РАКОМЕТ

Мотивирани сме затоа што играме пред наша публика и се надевам дека ова ќе биде плус за понатаму, затоа и сакаме да добиеме поддршка, вели репрезентативката Ристовска

Создаваме репрезентација на долги патеки, која ќе трае 15 години, а тоа беше и нашата цел. Имаме тешка група, тоа се ракометни гиганти, би бил среќен да земеме еден „скалп“. Оваа генерација е мотивирана, влегува во натпревар секого да победи. Одбравме играчи што играат во два правци, тоа е симбиоза на играчи што играат во странство и неколку кадетки и јуниорки. Во првиот тим имаме шест кадетки, имаше седум, но, за жал, Дуковска се повреди. Ќе ја немаме и Елена Ѓорѓиевска, која се врати во форма, но се повреди. Задоволен сум од сработеното, мислам дека ЕП треба да покаже дека сме на правиот пат, изјави селекторот на женската репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски, на вчерашниот прес, по повод претстојното Европско првенство (ЕП) за жени, кое ќе се одржи во Словенија, Црна Гора и Македонија, а на кој присуствуваше и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Свој коментар за она што ја очекува репрезентацијата изрази и ракометарката Сара Ристовска.

– Десет години немаме ниедно првенство и сакам да изразам благодарност до РФМ, која го прифати овој предизвик да бидеме домаќини. Со селекторот Савевски и кадетките што дојдоа се гледа голем напредок и се надевам дека тоа ќе се покаже на ова ЕП. Мотивирани сме затоа што играме пред наша публика и се надевам дека ова ќе биде плус за понатаму, затоа и сакаме да добиеме поддршка – рече Ристовска.

Ракометарките на ЕП (4-20 октомври) се во тешка група, заедно со Франција, Холандија и Романија. Во рамките на подготовките за ЕП, македонската репрезентација ќе одигра два пријателски дуела со Норвешка, едниот беше закажан за вчера, а другиот ќе се игра на 1 октомври во Скопје и ќе биде од отворен карактер (16 часот) во СЦ „Борис Трајковски“.

Поранешната ракометна голманка и репрезентативка Гордана Нацева ќе биде амбасадорка на Македонија на претстојното ЕП.

– Благодарам за довербата што ми ја дадовте како амбасадорка. Чест и задоволство е да бидам дел од организацијата. Чувствувам одговорност како и кога бев дел од ракометната селекција на Македонија. Треба да бидеме пример за младите генерации. Спортот е нешто што ја претставува државата, културата, гостопримството, нашите најубави работи со кои се гордееме. Како спортистка сум размислувала само на резултатот, но сега ќе настојувам и да ја претставам државата во најдобро светло – задоволно изјави Нацева. Г.И.