РАКОМЕТ – ПОДГОТОВКИ ЗА СП 2023

Македонската сениорска ракометна репрезентација минимално загуби, со 30-31 (14-18), во вториот контролен меч со соодветната селекција на Црна Гора одигран во Маврово, а во рамките на подготовките на двете репрезентации пред Светското првенство (СП) во Полска и во Шведска (11-29 јануари). Еден ден претходно македонските ракометари славеа против истата селекција со 38-33.
Натпреварот беше од затворен карактер, а селекторот Кирил Лазаров повторно не можеше да смета на голманот Никола Митревски и на бекот Филип Кузмановски, кои, според најавите, требаше да се приклучат во текот на вчерашниот ден. На овој подготвителен двомеч и Црногорците беа некомплетни, со неколку ракометари што уште имаат обврски во клубовите каде што играат.
Македонија по новогодишните празници продолжува со подготовките. По ревијалниот меч „Сите ѕвезди“, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 3 јануари, следува настапот на турнирот „Кроација куп“ во Хрватска, каде што црвено-жолтите ќе играат со домаќинот и со селекцијата на Израел.
Македонија го почнува својот осми настап на СП на 13 јануари, со Норвешка, на 15 јануари е дуелот со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина, сите три во полскиот град Краков. Г.И.