Поинтензивен ангажман на САД во Западен Балкан

Фељтонот „Војната во Украина како предуслов за нов светски поредок и реперкусиите врз Западен Балкан“ од д-р Маја Мишковска дава еден сопствен поглед на случувањата во Украина и нивниот одраз врз светската политичка сцена, со посебен акцент на Западен Балкан. Преку опсежна анализа на украинско-руските односи, па преку одразот врз нивните сојузници, авторката на фељтонот презентира и некои помалку познати ликови и настани од минатото, со што ја дополнува сликата на она што се случува денес во Украина, за на крајот да го насочи фокусот кон Балканскиот Регион, кој не е поштеден од последиците на актуелниот конфликт на истокот од континентот

Новоименуваната американска амбасадорка Ангела Агелер, која во Македонија е речиси месец и половина, од пристапувањето на новата функција досега кажа две клучни и моќни изјави.
Првата изјава беше пораката од Охрид, кога зачудено праша како сме го смениле името. „Најголемата промена, очигледно, е промената на името. Ова беше многу тешка одлука за луѓето во оваа земја. Бидејќи бев овде од 2010 до 2013 година, се сеќавам на тие разговори и, искрено, во времето кога си заминав, не мислев дека тогаш ќе биде можно да се оди низ процесот и да се донесат одлуките за промена на името. Затоа, ги поздравувам луѓето од оваа земја за преземањето на тие тешки одлуки. Тоа е многу очигледна промена“.
Втората изјава од 6 декември е дека тимот на правдата на Вашингтон ќе ѝ помогне на земјата во поагресивната борба против корупцијата кај поранешни и актуелни корумпирани актери во Македонија. Особено во однос на втората изјава за пристигнувањето на тимот на правдата, некои од македонските политичари како новороденчиња во хор, како на некоја маскарада, се согласија дека на правосудниот сектор му требаат повеќе такви инфузии од истраги во кои јавниот обвинител нема повеќе да може да ги крие предметите во фиока, како што било пракса тоа досега.
Амбасадорката Агелер остро го критикуваше и изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, изјавувајќи дека „резултатите се збунувачки, особено откако со години потрошивме милиони долари за обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Македонија заслужуваат независен судски сектор, во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет, низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителството, судството или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се мешале со притисоци, закани или корупциски зделки преку ’задната врата’ треба да бидат повикани да одговараат пред граѓаните“.
Во врска со изјавата на американската амбасадорка за борбата со корупцијата, одредени аналитичари во земјата сметаат дека преку „тимот на правдата“ Американците во суштина си отвораат терен да ја исчистат политичката сцена од сите оние кои се „со Истокот“, дека нивните интереси се сосема поинакви, во суштина не ги интересира толку корупцијата, која и досега беше дел од системот, а дека зад сцената стои расчистувањето со сите руски и проруски фактори и елементи под мотото „борба против организиран криминал и корупција“. Според нив, доколку Вашингтон вистински се грижеше и беше реално протективен за македонската демократија, немаше да дозволи да дојде до терминалната фаза на метастазираната корумпираност и организиран криминал.

Западен Балкан мора да се посвети на дополнителни
активности за борба против корупцијата

Соединетите Американски Држави се загрижени пред сѐ за сопствениот безбедносен ризик, поради што сакаат и во Македонија да се избегне безбедносниот ризик, да не ескалира не само во државата туку и пошироко во регионот. Тимот за борба против организиран криминал и корупција е порака до властите да се фатат за работа во врска со корупцијата, која продолжува да се развива до фаза каде што веќе нема реална перспектива за закрепнување. Пораката до власта е судовите и обвинителствата сериозно да си ја вршат задачата. Примерот со издавањето македонско државјанство и пасош на рускиот олигарх Александар Онишченко, кој се наоѓа на списокот со налог за апсење на Украина, а кој од јануари 2021 е исто така и на списокот за санкции на Вашингтон како челник на руската мрежа за „влијание на претседателските избори во САД во 2020 година“, во обид да ја саботира кампањата на актуелниот американски претседател Џо Бајден, е сигнал за можен безбедносен ризик што би ги нагризал американските интереси во регионот и што може да генерира безбедносна криза што би претставувала безбедносен ризик и за Соединетите Американски Држави.
На неодамнешната регионална конференција за борба против корупцијата, заменик-шефот во американската амбасада во Скопје, Ерик Мајер, нагласи дека целиот регион на Западен Балкан мора да се посвети на индивидуални активности за борба против корупцијата и незаконските финансии, за што очекуваат резултати, бидејќи САД досега инвестирале во секторот за кривична правда во Македонија десетици милиони долари. Тие внимателно ја следат борбата со организираниот криминал, за што преку поширока меѓународна соработка ќе придонесат и инструираат сами да ги исполниме обврските што, покрај другите многубројни реформи, се најважниот кластер и во преговорите со ЕУ за владеење на правото.
Руската инвазија на Украина ја зголеми итноста на Брисел во јули 2022 да направи пресврт и да ги деблокира долготрајните разговори за внесување на Албанија и Македонија во ЕУ. За разлика од Русија, која не распореди никакви војници на територијата на Западен Балкан, САД одржуваат воена база на Косово, а заедно со ЕУ се задолжени за надзор на мировните мисии во Косово и Босна и Херцеговина.
Забрзаната стратегија на САД за поагресивен ангажман во Западен Балкан се должи на сѐ посилниот продор на хибридната војна на Кремљ (во вид на влијание преку корупција, енергетски зделки, разузнавачки операции и дезинформации) што се спроведува во регионот и пошироко во земјите од бившиот источноевропски блок. Некои од овие земји своето пристапување во Северноатлантската алијанса го започнаа во 2004 година – Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија, потоа следуваа Полска, Чешка, Унгарија, Кипар, Црна Гора, и на крајот Албанија и Македонија.
Со оглед на некои западни процени дека сега Русија игра на картата да запоседне што е можно повеќе украинска територија, нивните стравувања, најдалеку и најрадикално, одат дотаму дека цел на идни можни руски сценарија, побарувања и уцени би можело да бидат земјите што пристапиле во НАТО од 2004 година, со барање да се повлечат од Алијансата и да го повлечат пристапувањето!!! Можеби и токму затоа е сѐ понагласен ангажманот на САД во воспоставувањето на безбедноста и стабилизацијата на Балканскиот Регион, бидејќи, во спротивно, ваквите сценарија по систем на сврзани садови би предизвикале намалување на влијанието и моќта на меѓународните организации како што се ОН, ММФ, СБ и другите, што би довело и до ново распоредување сфери на влијание и би предизвикало зародок на нов светски поредок.

(крај)