Ослабениот тим на Вардар иако беше поразен од Еурофарм Пелистер со 29-25, сепак со подобра гол разлика ќе го освои првото место во групата со битолчани.
Објективната публика со аплауз ги награди гостинските ракометари кои благодарение на победата на првата средба со 30-25, во продолжение на првенството ќе имаат подобра стартна позиција.
Инаку, натпреварот меѓу двата најдобри македонски ракометни клубови беше со две различни полувремиња. Во првите 30 минути, битолчани беа постојано во водство со 7 и 8 голови разлика, но таа константа гостите од Скопје ја „стопија“ во второто полувреме каде беа и подобар тим. Предводен од Стоилов и одличниот Томовски со 11 одбрани на голот, Вардар на крајот беше поразен само со четири голови, а тоа е доволно скопските ракометари да ја задржат лидерската позиција на табелата.
Статистички најефикасни на средбата беа Костески со 5 во тимот на Еурофарм Пелистер и Ѓукиќ со 4 постигнати голови во тимот на Вардар.