Фото: РФМ

Австрија го освои второто место во групата Ц и пренесе два бода од прелиминарната фаза. Тоа ѝ е осми настап на светските првенства. Македонија и Австрија само еднаш играа меѓу себе во мечевите на СП, и тоа во 2015 година, кога црвено-жолтите славеа со 36-31

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ

Ракометната репрезентација на Македонија по освоеното трето место во групата Д и победата на дуелот со селекцијата на Гвинеја во третото коло (29-20), се пласира во главната рунда на Светското првенство (СП) што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, со еден пренесен бод во главната групна фаза. Денеска (15.30 часот) избраниците на селекторот Кирил Лазаров одново ќе играат во Вараждин, со Австрија, а потоа и со селекциите на Катар (четврток, од 15.30 ч.) и на Франција (сабота, 20.30 ч.).
– Треба да бидеме задоволни. Со пласманот во главната фаза ја исполнивме првичната цел. Можевме многу подобро против Гвинеја, но најважно е што победивме. Драгоцено е и искуството што го стекнуваат младите ракометари. Добро е што ги поштедивме Митревски, Пешевски, Митев. Допрва ни доаѓаат тешки борби, ни треба енергија. Треба да се одмориме и да се подготвиме за дуелот со Австрија. Благодарност за големата поддршка од македонските навивачи, кои се овде, но и од цела Македонија – рече Лазаров по завршувањето на првата фаза.
Австрија е репрезентацијата што го освои второто место во групата Ц со две победи и еден пораз, односно пренесе два бода од прелиминарната фаза. Ги победи Кувајт (37-26) и Катар (28-26), а загуби од Франција (27-35). Тоа ѝ е осми настап на светските првенства, првпат играше во 1938 година (второ место), а потоа и на планетарните шампионати во 1958 (11.), 1993 (14.), 2011 (18.), 2015 (13.), 2019 (19.) и во 2021 година (26.).
Македонија и Австрија само еднаш играле меѓу себе во мечевите на СП, и тоа во 2015 година, кога црвено-жолтите славеа со 36-31, меч во кој Лазаров постигна девет гола. Македонија тогаш беше на деветтото место, а Австрија 13-та. Уште двапати биле заедно присутни на еден мундијал, а Македонија и на двата беше подобро пласирана, откако во 2019 година Македонија беше 15-та, а Австрија 19-та, во 2021 година црвено-жолтите беа 23-ти, а Австријците на 26-то место.
Како споредба, на европските првенства (ЕП) Австрија играла шест пати, 2010 (деветто место), 2014 (11.), 2018 (15.), 2020 (осмо.), 2022 (20.) и 2024 (осмо). Со Македонија одиграле два меча. Првиот во 2014-та, кога славеле Македонците со 22-21, а вториот на ЕП 2020, кога Австрија победи со 32-28.

Од играчите што ќе претставуваат потенцијална опасност за македонските голмани, отскокнуваат левото крило на унгарски Сегед, Себастијан Фримел (досега 14 гола на СП 2025), левото крило Ерик Дамбок и пикерот Тобијас Вагнер, кој игра за германски Ерланген. Австрија е хендикепирана со неиграњето на Никола Билик и на Јанко Божовиќ, кои беа и носители на играта во нападот.
Катар освои едно сребро на светските првенства, во 2015 година, а Франција дури шест пати, најмногу, била светски шампион во ракомет (во 1995, 2001, 2009, 2011, 2015 и во 2017 година), уште двапати била втора (во 1993 и во 2023 година) и четири пати трета на мундијалите (во 1997, 2003, 2005 и во 2019 година).
Во главната групна фаза, во групата 1 се Швајцарија, Тунис, Чешка, Италија, Данска и Германија. Во групата 2, покрај Македонија, се и Австрија, Катар, Холандија, Унгарија и Франција. Групите три и четири се комплетираа синоќа, а претходно во групата три се пласираа Португалија, Шведска, Шпанија, Бразил и Норвешка (во игра беа и Чиле и Јапонија, кои во меѓусебен дуел решаваа кој ќе игра во втората групна фаза), а во групата четири Египет, Словенија, Исланд, Хрватска и Аргентина (во игра беа и Зелено’ртски Острови и Куба). Првопласираните две селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во четврт-финалето. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови решава меѓусебниот дуел.
Капитенот на македонската репрезентација, левиот бек Филип Кузмановски ги кине мрежите на противничките селекции. По првата фаза на СП 2025, тој е најефикасен стрелец со 31 гол, со што го израмни рекордот на Кирил Лазаров, кому тоа му успеа двапати (на СП во Хрватска во 2009 година и на СП 2017 во Франција) и на Насер ал Сад од Катар на СП 2005. Го следат Тен Фелде од Холандија со 30 гола и Германецот Ренарс Ушчинс со 24 погодоци на третото место. Патем Кузмановски е прв и на листата на најкорисни ракометари со 40 поени (31 гол и девет асистенции). Апсолутниот рекорд на едно СП е во сопственост на Лазаров, кој во 2009 година во Хрватска постигна 92 гола.
На годинашното СП настапуваат 32 селекции, а титулата ја брани репрезентацијата на Данска, која и на минатите две светски првенства го освои златниот медал. Г.И.


Група Д
Македонија – Гвинеја 29-20
Унгарија – Холандија 36-32

ТАБЕЛА
Унгарија 3 2 1 0 98-77 5
Холандија 3 2 0 1 109-91 4
Македонија 3 1 1 1 88-84 3
Гвинеја 3 0 0 3 104-43 0

ГЛАВНА РУНДА
Група 1
Швајцарија – Тунис 15.30 ч.
Чешка – Италија 18 ч.
Данска – Германија 20.30 ч.

ТАБЕЛА
Данска 2 2 0 0 71-41 4
Германија 2 2 0 0 60-51 4
Италија 2 1 0 1 52-64 2
Швајцарија 2 0 1 1 46-48 1
Чешка 2 0 1 1 39-46 1
Тунис 2 0 0 2 46-64 0

Група 2
Австрија – Македонија 15.30 ч.
Катар – Холандија 18 ч.
Унгарија – Франција 20.30 ч.

ТАБЕЛА
Франција 2 2 0 0 72-46 4
Унгарија 2 1 1 0 63-59 3
Холандија 2 1 0 1 69-68 2
Австрија 2 1 0 1 55-61 2
Македонија 2 0 1 1 59-64 1
Катар 2 0 0 2 45-65 0

Групите три и четири се комплетираа синоќа, а претходно во групата три се пласираа Португалија, Шведска, Шпанија, Бразил и Норвешка (во игра беа и Чиле и Јапонија), а во групата четири Египет, Словенија, Исланд, Хрватска и Аргентина (во игра беа и Зелено’ртски Острови и Куба)