Фото: Фејсбук/РФМ

Ракометната репрезентација на Македонија попладнево ја совлада Црна Гора со 39-37 во Стара Пазова, Србија, во првиот од серијата контролни натпревари пред Европско првенство во Германија, во јануари.

Двете репрезентации одиграа три полувремиња од по 30 минути, а на полувреме избраниците на селекторот Кирил Лазаров имаа водство од 22-17. Во дополнителните 30 минути, резултатот беше 15-14 за македонската репрезентација.

– Одлична проверка за нашиот национален тим со сериозен противник кој располага со одлични играчи кои играат во одлични клубови. Резултатот на мечот воопшто не беше важен, идејата беше да го спроведеме сето она што го работевме на подготовките.
Момците денеска беа одлични, особено во борбеноста и нивната желба со која влегоа на овој пријателски натпревар. Играчите ќе добијат заслужен одмор. Со работа продолжуваме на 2 јануари – истакна селекторот Кирил Лазаров по мечот.

Со натпреварот против Црна Гора, избраниците на селекторот Лазаров ги комплетираа мини-подготовките во Србија и по враќањето во Македонија повторно ќе се соберат на 2 јануари, по што следуваат контролни натпревари против Грција на 4 и 5 идниот месец.

Настапот на Европското првенство репрезентацијата на Македонија го стартува на 10 јануари во премиерниот дуел против Франција во Дизелдорф, во рамки на групата А во која се и домаќинот Германија, како и Швајцарија.