Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија, која годинава по седми пат ќе учествува на ЕП, со сегашните ривали во групата, било тоа да се квалификации или настапи на ЕП и на СП, одиграла вкупно 18 натпревари, забележувајќи шест победи и 12 порази

РАКОМЕТ – НА ЕП ЗА ЖЕНИ 2024

Шведска, Унгарија и Турција се селекциите против кои женската ракометна репрезентација на Македонија ќе игра во групата А во унгарскиот град Дебрецин на годинашново Европско првенство (ЕП) во Австрија, Унгарија и Швајцарија (28 ноември-15 декември). Тоа е епилогот по одржаната ждрепка во Виена, а на која пред почетокот Македонија беше сместена во третиот барабан, заедно со селекциите на Хрватска, Србија, Словенија, Полска и Исланд. Ова е прво ЕП на кое ќе настапат 24 репрезентации, а понатамошен пласман во главната рунда ќе обезбедат прво и второпласираната репрезентација од секоја од шесте групи. Градови домаќини се Дебрецин (Унгарија), Базел (Швајцарија) и Инсбрук и Виена (Австрија), каде што ќе се играат завршницата и натпреварите за медали.
Македонија, која годинава по седми пат ќе учествува на ЕП, со сегашните ривали во групата, било тоа да се квалификации или настапи на ЕП и на СП, одиграла вкупно 18 натпревари, забележувајќи шест победи и 12 порази. Секако, најквалитетна е селекцијата на Шведска, која по 14 пат ќе настапи на ЕП, а досега има освоено едно сребро и една бронза. На последното ЕП во Македонија, Црна Гора и Словенија 2022 година, беше петта. Македонките против Швеѓанките имаат биланс од две победи и девет порази, односно дадени вкупно 232 гола (21 во просек по меч), а примени 305 (27,7). Победите се забележани на свој терен во квалификациите за СП 1997 (23-19) и во квалификациите за ЕП 1998 (20-17).
Со селекцијата на Унгарија, која е носител на едно злато и три бронзи од ЕП, Македонија само еднаш одиграла меч, и тоа на ЕП во 2006 година, загубувајќи со 22-30. Унгарија, која по 16-ти пат ќе биде дел од ЕП, ќе ја има и почетната предност, оти натпреварот ќе го игра пред свои навивачи. На последното ЕП заврши на 11-та позиција.
Турција, која годинава ќе дебитира на ЕП, со Македонија шест пати се сретнала во квалификациски натпревари. Македонските девојки забележале четири победи и два пораза. Победи се остварени во квалификациите за СП 2003 (37-31), СП 2005 (37-29), СП 2019 (30-23) и еднаш во квалификациите за ЕП 2012 (26-24). Притоа Македонија има вкупен биланс од 194 дадени гола (32,3 во просек по меч), а примено 181 (30,1).
Македонките првиот меч ќе го играат против Шведска на 18 ноември, вториот два дена подоцна против Турција, а третиот на 2 декември против Унгарија. Титулата од 2022 година ја брани Норвешка, која досега на ЕП освоила девет злата, три сребра и една бронза. Г.И.


Група А (Дебрецин): Шведска, Унгарија, Македонија, Турција
Група Б (Дебрецин): Црна Гора, Романија, Србија, Чешка
Група Ц (Базел): Франција, Шпанија, Полска, Португалија
Група Д (Базел): Данска, Швајцарија, Хрватска, Фарски Острови
Група Е (Инсбрук): Норвешка, Австрија, Словенија, Словачка
Група Ф (Инсбрук): Холандија, Германија, Исланд, Украина