Во финалниот дуел одигран во Рига, избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ ја совладаа Швајцарија, со 24-22, и се вратија во дивизија А

РАКОМЕТ – ПО ТРИУМФОТ НА ШАМПИОНАТОТ НА ЕХФ ЗА КАДЕТИ

Машката кадетска репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години постигна огромен успех, освојувајќи го првото место на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), дивизија Б, одигран во летонскиот град Рига. Во финалниот дуел, кој беше мошне возбудлив и неизвесен докрај, избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ ја совладаа Швајцарија, со 24-22, и на тој начин, покрај златниот медал и победничкиот пехар, жолто-црвените се вратија таму каде што им е местото – во најквалитетната дивизија А. Но она што е уште позначајно е фактот што новите спортски херои на Македонија со освоеното прво место, всушност, обезбедија настап на младинското Европското првенство (ЕП) во 2024 година, како и пласман на Светското првенство (СП) за кадети во 2023 година. Третото место во Рига му припадна на Луксембург, кој ја совлада Летонија, со 33-24.
Македонските надежи сосема заслужено дојдоа до посакуваната цел, откако забележеа три убедливи победи во групата Б, против Турција (34-19), Косово (39-16) и домаќинот Летонија (33-23). Во полуфиналето, пак,беше декласиран и Луксембург, со 32-22.
Најефикасен во репрезентацијата на Македонија на овој меч беше Томислав Димковски со седум гола, Александар Петковски даде шест, Мирче Калајџиески четири, два впиша Славчо Шулевски, додека по еден гол реализираа Михаел Тотиќ, Ненад Белистојаноски, Антонио Николоски, Валентин Карасманакис и Тодор Узунчев.
За најкорисен ракометар на шампионатот (МВП) е прогласен Томислав Димковски. Во идеалниот состав покрај него се најдоа уште: голманот Давид Брестовац, левото крило Михаел Тотиќ, десното крило Александар Петковски, средниот бек Валентин Волфисберг (Швајцарија), најдобриот дефанзивец Миха Ромер (Швајцарија), најдобар десен бек е Арда Јилдиз (Турција), нaјдобар кружен напаѓач Јевгениј Рогоновс (Летонија).
Наградата за најдобар стрелец на шампионатот му припадна на Лук Кајсен од Луксембург, кој 44 пати ги тресеше противничките мрежи.
Во исто време завршија уште два шампионати на ЕХФ, во Израел и во Романија. На првиот во групата А, одигран во Израел, славеше Чешка, која во финалето го победи Израел (25-24), а трета е Грција, која ја совлада Литванија (34-33). На шампионатот во групата Ц, одигран во Романија, триумфира Австрија, која во финалето ја победи Украина (30-23), а трета е Романија, која беше подобра од Финска (36-33).
Г.И.


Табела, група Б

Македонија
Швајцарија
Луксембург
Летонија
Турција
Белгија
Косово