РАКОМЕТ – МУНДИЈАЛ ЗА КАДЕТКИ ВО СКОПЈЕ

Женската кадетска репрезентација на Македонија за ракометарки до 18 години, вчера го играше првиот натпревар од разигрувањето за пласман од деветтото до 12-то место на Светското првенство (СП), кое в среда завршува во Скопје, против селекцијата на Германија, која заврши на третото место во главната групна фаза на СП 2022.
Избраничките на селекторот Љубомир Савевски претходно го загубија вториот дуел од првата група од Исланд, со 22-25, во СЦ „Борис Трајковски“ и со тоа не успеаја да се пласираат во четврт-финалето, односно се позиционираа на третата позиција во групата. Бојана Коцева со шест гола беше најефикасна кај Македонките, а четири погодоци постигна Емилија Ризовска.
Ако Македонија вчера ја совладала Германија, тогаш ќе игра за деветтата позиција со победникот од дуелот Хрватска – Норвешка. Г.И.