Фото: Маја Јаневска-Илиева

Играме во една од најтешките групи. Но за нас тоа ќе биде предизвик, вели репрезентативецот Филип Талески

Задоволен сум од она што го сработивме досега. Работевме на нашиот напад, одбрана, полуконтра, на враќањето назад, физичката кондиција… Максимално го користиме времето. Во Стара Пазова имаме идеални услови за подготовка, а кога имаме одлични услови, тогаш и атмосферата во тимот е на високо и задоволително ниво, изјави селекторот Кирил Лазаров за подготовките на македонската ракометна репрезентација во Стара Пазова (Србија) за настап на Европското првенство (ЕП) во Германија во јануари в година.
Репрезентативниот состав е комплетен од понеделникот, со доаѓањето на голманот на португалски Порто, Никола Митревски.
– На крајот од овие подготовки, в петок, треба да одиграме и еден официјален меч со Црна Гора, квалитетна репрезентација со квалитетни индивидуалци, која добро ќе ни послужи како еден вистински тест за она што сме го сработиле тука. Потоа следуваат два дена одмор поради новогодишните празници, па повторно продолжуваме со подготовките до ЕП – вели Лазаров.
Македонија на ЕП 2024 е во групата А, првата средба е на 10 јануари (18 ч.) со Франција во Диселдорф, а потоа се дуелите во Берлин, со Германија на 14 јануари (20.30 ч.) и со Швајцарија два дена подоцна (18 ч.). Во втората групна фаза ќе се пласираат по две првопласирани селекции од секоја од шесте групи. Селекциите од групата А ќе играат со репрезентации од групите Б (Шпанија, Австрија, Хрватска, Романија) и Ц (Исланд, Унгарија, Србија, Црна Гора). Ова ќе биде осми настап на Македонија на европските првенства, седми во низа.
– Многу сум среќен што со репрезентацијата повторно имаме големо натпреварување како што е ЕП. Играме во една од најтешките групи. Но за нас тоа ќе биде предизвик. Имаме можност да го отвориме ЕП со Франција, селекција што секогаш го напаѓа златниот медал, што за нас е мотив плус да се натпреваруваме. Не треба да имаме притисок бидејќи ќе играме на стадион пред 55.000 гледачи, на стадион, можеби никогаш повторно не ќе имаме таква можност. Потоа играме со Германија, против која во минатото покажавме дeка можеме да играме. И кај Германците има смена на генерацијата. Со Швајцарија, со која во минатото сме имале повеќе квалификациски дуели, имаме шанса за голема победа и со тоа по долг период да забележиме победа на големо натпреварување – вели репрезентативен лев бек Филип Талески, кој настапува за португалскиот клуб Бенфика. Г.И.