Фото: Архива на „Нова Македонија“

Познавачите на состојбите со кои дискутиравме за можноста преку посебни независни тела/специјализирани институции да се води најефикасна борба со корупцијата и криминалот се категорични дека иновативен и креативен начин секако дека дава резултат, додавајќи дека практиката во други земји го покажала тоа. Но, сепак, експертите додаваат дека за да профункционираат ваквите нови концепти и доктрини на евентуално новокреирани тела/институции, мора да им се даде легалитет низ соодветна процедура, која, сепак, подразбира и интервенции во нашиот устав. Истовремено, соговорниците предупредуваат на стапиците со отворањето на Уставот, токму во ваквите наши специфични општествени околности. Имено, дека уставната процедура со измени (со формирањето специјализирани тела за ефикасна борба против корупцијата и високиот криминалитет) не смее да се злоупотреби за вградување/протнување некои „политички фелери“ со кои ќе се наруши унитарниот карактер на државата…

Кога системот очигледно потфрла, потребен е нов иновативен пристап за спречување на корупцијата и високиот криминалитет

За да може да се направи битен и суштински системски исчекор во насока на ефикасна борба со најголемото општествено зло, вкоренетата корупција и високиот криминалитет, секако, треба да се изградат ефикасни механизми и инструментариум што ќе може да го направи тоа.
Се покажа дека ние досега немаме ниту инструментариум, уште помалку систем што ќе функционира во таквата борба. Постојните институции не го направија тоа, а по сиве овие изминати години се поставува прашањето дали воопшто постои волја за сериозна борба со корупцијата и криминалот или, пак, желба и постојните инструменти што ги има државата да се искористат во полн капацитет. Фактичката состојба говори дека тоа не беше направено, а состојбите стануваат уште полоши.
Начинот на кој во земјава се дочека најавата на САД дека ќе ѝ помогнат на Македонија во борбата со корупцијата покажува дека почнува да се создава широк општествен консензус и граѓаните сè посилно инсистираат конечно да се почне со расчистување со високата корупција и криминалот. Имајќи ги предвид неефикасните институции, произлегува дека земјава нема ефикасни алатки како да спроведе вистинска неселективна борба со корупцијата и криминалот бидејќи повеќе од очигледно е дека системот е застарен.

Нов креативен и иновативен пристап за реструктурирање на правосудниот систем во насока на ефикасна борба против високата корупција и криминал

Во гореспоменатиот контекст, за да се направи некаков функционален систем, потребно е да се направи некаква иновација, креирање три нови независни тела, кои би дале опипливи резултати, како на краток така и на долг рок. Слични тела постојат и во некои европски земји, кои своевремено имаа сериозни проблеми со корупцијата, но денес бележат фрапантни резултати во борбата со корупцијата и криминалот. Особено тука може да се издвои примерот со Романија, која своевремено стравотно тонеше во корупција, а денес е позитивна европска приказна што сопствените искуства ги споделува во европските институции за борба со корупцијата.
Таквите тела имаат голем степен на отпорност и голема е веројатноста дека ќе останат имуни на политичките влијанија и истовремено би функционирале како врзан систем во елиминацијата на коруптивните активности, а тие би биле: национално биро за истраги, потоа специјално обвинителство и, на крајот, специјално судство.
Познавачите на состојбите со кои дискутиравме околу можноста посебни независни тела да ја водат борбата со корупцијата и криминалот се категорични дека тоа може да даде резултат, но дека за да профункционираат ваквите тела мора да им се даде правен легитимитет низ соодветна процедура што подразбира и интервенции во уставот.
– Сето тоа мора законски да се регулира, за да немаме вонуставни институции како што беше случајот со поранешното СЈО. Законската основа е врзана со отворање на Уставот бидејќи мора да се вметнат овие алатки во правниот систем на државата. Сè друго е незаконски – посочуваат експертите.

Отворањето на Уставот за легализирање суперефикасни нови антикорупциски институции отвора можност да се протнат други политикантско-жонглерски идеи

Во време кога Македонија е под засилен притисок за отворање на Уставот поради впишување на Бугарите како услов за продолжување на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, клучното прашање е што би значело отворање на Уставот за внесување вакви алатки за борба со високата корупција и високиот криминал.
– Самиот процес на уставни измени бара претходно обезбедување двотретинско мнозинство, за да не се повтори претходниот случај кога без обезбедено двотретинско мнозинство се туркаа уставни измени. Со други зборови, мора да постои политичка волја меѓу власта и опозицијата за воспоставување системски алатки за ефикасна борба со корупцијата и криминалот, оти пораките што ни стигаат од меѓународните партнери се дека без борба со корупцијата и без владеење на правото нема да напредуваме во евроинтеграциите. Политичките партии претходно мора да постигнат договор за да се случат уставни измени со кои ќе се легитимизираат новите алатки за борба со корупцијата – истакнуваат соговорниците.
Но имајќи ги предвид сите досегашни искуства при отворањето на Уставот, кога постојано се испорачуваа нови барања за да се поддржат некои уставни амандмани, и сега не е исклучено да се отвори некоја друга перспектива за задоволување на нечии барања, кои немаат никакви допирни точки со борбата со корупцијата.
– При секое отворање на Уставот растат и другите апетити и барања, кои генерално за граѓаните се неприфатливи, но се користи моментот да се задоволат одредени теснопартиски и етноцентристички барања. Потенцијалното отворање на Уставот во заднина го чекаат и албанските политички субјекти во земјава, од кои некои директно, а некои индиректно најавуваат дека ќе ја условат поддршката за уставни измени доколку не се избрише формулацијата 20 отсто за употребата на албанскиот јазик, но и доколку статусот на албанската заедница во земјава не се издигне на ниво на државотворност. Тука е и барањето за впишување на Бугарите во Уставот околу што се крена голема прашина во земјава изминативе речиси две години, така што реалноста ќе биде дека пратениците во македонското собрание порано или подоцна повторно ќе мора да се соочат со овие барања – наведуваат соговорниците.
Несомнено кој било нов собраниски состав или влада фокусот мора да го насочи кон итна и безусловна борба со високата корупција и криминалот, а за тоа мора да постојат ефикасни алатки, кои ќе се обезбедат низ уставна процедура, која нема да биде злоупотребена за прашања што веќе се регулирани и со Охридскиот рамковен договор, но и со потписот на Македонија на Конвенцијата за заштита на малцинските права.

Она што сега е клучно е да се направи државна стратегија со која ќе се утврдат јасни насоки и приоритети при евентуалното идно отворање на Уставот, тоа да биде јасен и брз процес во изгласување алатки што ќе стават крај на корупцијата во земјава, необременет со други прашања.
– Мора да се биде внимателен и пред сè одговорен кон граѓаните. Граѓаните, без оглед на етничката припадност, сакаат вистинска борба со корупцијата, сакаат владеење на правото, функционални институции. Тоа ќе се обезбеди ако се фокусираме на приоритетите, а не на прашања што немаат никаква суштина. Истовремено, одејќи по линија на помал отпор и обезбедување двотретинско мнозинство, треба да се внимава токму борбата со корупцијата да не стане жртва на некои други агенди, односно наместо да обезбедиме системски алатки за борба со ова општествено зло, да вградиме некаков фелер во Уставот, односно некаква правно-политичка фалинка. Каква било идна интервенција во највисокиот правен акт на државата мора да соодветствува со вековните стремежи на македонскиот народ и со постулатите на АСНОМ, за да не се случи интервенциите во Уставот целосно да го урнисаат карактерот на македонската држава и од неа да направат само административна територија – заклучуваат соговорниците.