Како последен проект за 2023 година го најавуваме мултимедијалното претставување на авторите Дориан Јовановиќ и Стефан Шашков насловено „Капење“. Оваа инсталација на видеа и звук ќе биде поставена во просторот на „Чифте-амам“ до 7 јануари 2024 година.
Амамот, односно неговата функција во даденото време, бил јавен простор каде што се вршело прочистување на телото, но и размена на информации од секојдневниот живот на чаршијата.
– Со овој проект, на еден симболичен начин, ја продолжуваме традицијата на амамот, како место за прочистување, додавајќи и една нова димензија, а тоа е прочистување на перцепцијата со светлосни и аудиовизуелни „козметички“ средства. Светлосно визуелниот дел содржи видеа и звук проектирани на ѕидовите, додека посетителите со своите сенки ќе дадат една непредвидлива динамика на сиот визуелен простор, кој во ниту еден случај не може да биде повторен. Визуелната константна менливост асоцира на минливоста, која во вакви објекти со специфична намена – места каде што човекот се релаксира, и можеби добива мала шанса да ја согледа минливоста – информираат од Националната галерија.
Аксиотомик (Axiotomic) е соло-проект на музичарот и продуцент Дориан Јовановиќ, познат и по долгогодишни соработки со групите „Стринг форсес“, „Чалгија саунд систем“, „Здеев“, „Калдрма“, „Грендени“, „Сетстат“ и „Добрила и Дориан дуо“. Музиката е импровизирана во својата основа, се создава во живо на самото место (настап), но во одредени, однапред зададени рамки и/или насоки што го движат телото на звукот во одредена насока при самата изведба. По својата звучност, изведбите се електронски и амбиентални, честопати врз основа на микроскопски шумови од различни извори и карактер.
Стефан Шашков во 1991 година дипломирал на Филозофскиот факултет, отсек историја на уметност со археологија при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Авантурата низ уметноста ја започнува кон крајот на минатиот век.
Меѓу другото има реализирано неколку изложби.