Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“, како дел од неформалниот тековен проект #ЅидНаУметноста, ја отвори деветтата изложба на дела, насловена „Апстракториум“, на Митко Гогов.
Со оваа претпразнична изложба се завршува годишниот проект на кој струмичани во текот на оваа година имаа можност да ги видат делата на Стефан Јакимовски, Кирчо Арсовски, Марија Трпеска, Виктор Јаневски, Христина Мазнеска, Миле Ничевски, годишната изложба на плакати на „100 Илјади поети за промена“ и Ѓорги Динев.
Мултимедијалната изложба „Апстракториум“ на Митко Гогов ќе покаже 12 дела создадени во процес на акциско сликарство, како и краткометражно видео од самиот процес на создавање на истите тие.
– Концептуалата како термин кај многумина предизвикува непријатно чувство. На одбивност, претенциозност, квазиартизам… донекаде и со право. Но не е сѐ толку црно на тоа поле. Се појавува нова енергија, нова генерација на мултимедијалци – реконцептуалисти, кои знаат како и зошто го работат токму тоа. Митко Гогов е еден од нив. Покрај виртуелната дружба, ја имав честа да го запознаам и во живо и да поминам неколку повеќе од благопријатни денови со овој креативец од Струмица. Обрнете внимание на неговиот израз. И тоа како ќе ви се исплати трудот – пишува филмскиот режисер и критичар Јане Алтипармаков.
Mитко Гогов е роден во 1983 година во Скопје, Македонија. Тој е концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија… Младински работник и граѓански активист, кој пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, САД, Русија, Шпанија, Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија… Автор е на стихозбирките „Ледена вода“, „Скриено писмо“ и „Линијар. Бројки“. Добитник е на неколку домашни и меѓународни награди и признанија. Организира културни и уметнички настани, меѓу кои „100 Илјади поети за промена“, „Антево слово“, „Роднокрајни поетски средби“, „Валандовско поетикување“ и многу други. Соработува со младински, уметнички, филмски и театарски фестивали. Блогер е и секогаш отворен за комуникација.