Фото: ЕПА

Турнирот воведе посебни тренерски седишта покрај теренот, првпат за тенисот на гранслем-турнир. Тие им овозможуваат на играчите да имаат до четири члена од нивниот тим директно на ниво на теренот. Овие тренерски ложи нема целосно да ги заменат традиционалните ложи каде што тимовите за поддршка на играчите ќе можат да ги следат нивните мечеви од трибините

ТЕНИС

На тенискиот гранслем-турнир Австралија опен, кој е во тек во Мелбурн, новата иновација ќе им овозможи на гледачите да ги видат и да ги слушнат интеракциите помеѓу играчите и нивните тимови како никогаш досега, пишува британски „Индепендент“. Турнирот воведе посебни тренерски седишта покрај теренот, што е, исто така, првпат за тенисот на гранслем-турнирите. Тие им овозможуваат на играчите да имаат до четири члена од нивниот тим директно на ниво на теренот, сместени на спротивните агли од теренот. Овие тренерски ложи нема целосно да ги заменат традиционалните ложи каде што тимовите за поддршка на играчите, како и пријателите, семејството и пошироката придружба, ќе можат да ги следат нивните мечеви од трибините. Играчите можат да бараат од нивните тимови да седнат во боксовите доколку сакаат.
– Мислам дека е прекрасно што Австралија опен ја воведе тренерската ложа на теренот на исто ниво во аголот. Тука ќе седат Енди Мареј и стручниот штаб – рече Ѓоковиќ, пренесе „Индепендент“.
Тренерските ложи вклучуваат екрани што им овозможуваат на тренерите да пристапат до податоци и статистика за натпреварите во реално време. Давањето тренерски совети во текот на мечот е дозволено во тенисот од Отвореното првенство на САД во 2022 година. Не сите играчи ја користеа тренерската ложа од првиот ден на турнирот. Светскиот рекет број 2 за мажи Александер Зверев ги имаше своите тренери во тие ложи, но Арина Сабаленка одреди нејзината екипа да седне во ложата на трибините, пишува „Индепендент“. Директорот на Австралија опен, Крег Тајли, рече дека некои тренери биле „скептични“ за новите ложи, но додаде дека очекува да види дека повеќето играчи ќе се одлучат да ги користат за време на гранслем-турнирот.
– Имате одлична глетка на вашиот играч по секој поен. Кога ќе дојдат и ќе ја земат својата крпа, можете да разговарате со нив, така што ќе можете да го тренирате вашиот играч речиси по секој поен, ако сакате. Постојат многу различни ставови во нашиот спорт за тоа дали тренерот треба да биде на теренот. Јас бев застапник на тоа на тренерот да му биде дозволено да биде на теренот, само затоа што тоа ја дополнува целата приказна, целото шоу и секој друг спорт го има тоа. Мислиме дека тие ќе создадат поголеми приказни со тренерите, поинтересна нарација, ќе им дадат поголем профил на тренерите и има добри шанси да видиме некои работи што се случуваат, кои се мошне интересни – рече Тајли. Н.М.