Фото: EПА

Селекторот на Германија, Гисласон, неколку дена порано го објави списокот со 19 ракометари, на кој има само двајца голмани, а најмногу играчи има од Левен и од Хановер. Швајцарија, третиот ривал на Македонија на ЕП 2024, не ќе може да смета на двајца ракометари…

РАКОМЕТ

Македонската ракометна репрезентација продолжува со подготовките во Стара Пазова (Србија) за Европско првенство (ЕП) во Германија, во јануари в година. Во неделата селекцијата одржала тренинг-натпревар, а за в петок е предвиден пријателски меч со Црна Гора, селекција, која, исто така, ќе настапи на ЕП 2024 во Германија. Во меѓувреме Гијом Жил, селекторот на репрезентацијата на Франција, со која Македонија игра во првото коло во Диселдорф, на 10 јануари, во групата А, го соопшти составот за ЕП 2024. На него поради повреда не фигурира искусниот голман Венсан Жерар, а и левото крило Матеј Гребиј и десното крило Беноа Конку ги нема на списокот. Во составот е искусниот лев бек Никола Карабатиќ.
Франција на претходното ЕП, во 2022 година, го освои четвртото место, откако загуби од Данска во мечот за бронзениот медал. Репрезентацијата на Македонија се сретна со Франција (носител на три европски злата) само еднаш, на ЕП 2016 во Полска (победа на Франција со 30-23. Состав на Франција за ЕП 2024: голмани: Самир Беласен (Кил), Реми Десбоне (Монпелје), Шарл Бозингер (Монпелје); леви бекови: Тибо Брие (Нант), Никола Карабатиќ (ПСЖ), Тимоти Н’Гесан (Барселона), Елоим Пранди (ПСЖ); средни бекови: Кентан Мае (Веспрем), Омерик Мин (Нант), Недим Ремили (Веспрем); десни бекови: Дика Мем (Барселона), Мелвин Ричардсон (Барселона); леви крила: Иго Деска (Веспрем), Дилан Наи (Келце); десни крила: Јанис Лен (Монпелје), Валентин Порт (Монпелје); пикери: Лудовик Фабрегас (Веспрем), Лука Карабатиќ (ПСЖ), Карл Конан (Монпелје), Николас Турна (Киелце).
Селекторот на Германија, Исланѓанецот Алфред Гисласон, неколку дена порано го објави списокот со 19 ракометари за континенталното првенство, но пред првиот дуел со Швајцарија ќе мора да го скрати на 16. Германија е вториот ривал на Македонија на ЕП 2024. На списокот фигурираат само двајца голмани, Андреас Волф (Киелце) и Давид Спат (Левен), а најмногу играчи има од Левен и од Хановер (по четворица), од вкупно 12-те клуба. Македонија досега на ЕП играла двапати со Германија (која е носител на две злата) и има по едно реми и пораз (на ЕП 2012 во Србија, Германија победи со 24-23, а на ЕП 2018 во Хрватска беше нерешено, 25-25).
Швајцарија, третиот ривал на Македонија на ЕП 2024, се соочи со проблем во пресрет на шампионатот. Како што пренесува тамошната ракометна федерација, поради оштетување на лигаментите на дланката не ќе може да настапи пикерот на Штутгарт, Самуел Ретлисбергер. Селекторот Михаел Сутер нема да може да смета и на стандардниот десен бек Димитриј Кутел, кој го повредил коленото. Г.И.