РАКОМЕТ – СП ВО ПОЛСКА И ШВЕДСКА
Светското ракометно првенство (СП) за мажи е местото каде што се пишува спортска историја, а играчите оставаат свој белег. И додека многу репрезентативци веќе ги претставувале своите земји неколкупати, а Никола Карабатиќ, на пример, на СП е по деветти пат, други играчи штотуку го почнуваат својот настап на светските првенства. Некои можеби се млади играчи што блеснале во други натпреварувања, а други се повозрасни, но досега немале шанса да играат на мундијалите. СП во Полска и во Шведска ќе биде турнир на кој како дебитанти се присутни десет квалитетни играчи, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) на својата интернет-страница.
Холандија во голема мера се потпира на централниот бек Лук Стеинс (27) и на десниот бек Кај Смитс. Стеинс (ПСЖ) беше во олстар-тимот на Европското првенство (ЕП) лани и најкорисен играч (МВП) на Првата лига на Франција во 2021 и во 2022 година. Смитс (25) играше за Магдебург, на кој му помогна да го освои Суперглоуб во 2021 и во 2022 година, а беше четврти стрелец на ЕП 2022, со 45 гола, и покрај тоа што пропушти некои дуели поради ковид-19.
Браќата Франциско Мота да Коста и Мартим Мота да Коста се иднината на Португалија. Франциско како десен бек настапи на ЕП 2021 (до 19 год.) и на ЕП 2022 (до 20 год.), постигна 110 гола за Спортинг во претходните две сезони од Европската лига и беше најдобар стрелец на ЕП 2022 (до 20 год.). Мартим (22), две години постар од Франциско, исто така е голгетер, со 90 гола за Спортинг во европското клупско натпреварување. Тој е повеќе конвенционален бек, а беше избран во олстар-тимот на ЕП 2022 (до 20 год.). Двајцата дебитираа за Португалија во европските квалификации за СП, против Холандија.
Црногорското лево крило Милош Вујовиќ (29) беше во олстар-тимот на ЕП 2022 и е клучен играч на Фуксе Берлин, со 117 гола во изминатите три сезони. За Словенија на СП ќе дебитира централниот бек Алекс Влах, во време кога во тимот се приклучија и помлади играчи. Словенија има големи очекувања од него, откако одигра ѕвездена сезона за Целје во Лигата на шампионите (ЛШ), со 70 гола, со што е втор најдобар стрелец, по Полјакот Камил Шипжак. Српскиот централен бек Стефан Додиќ (19) отсекогаш бил голем талент, што е потврдено со настапи во почетокот на неговата кариера, а на ЕП 2022 (до 20 год.) беше МВП. Тој е позајмен во Загреб од Киелце.
Квалитетниот дански лев бек Симон Питлик (21) е син на Јан Питлик, селекторот на Саудиска Арабија на СП 2023. Симон, кој дебитира за репрезентацијата во 2021 година, беше блиску да го пропушти ова СП по позитивниот тест за ковид-19, но закрепна и ќе биде мотивиран да го покаже својот талент откако постигна 58 гола за ГОГ во ЛШ сезонава, што е најголем број голови за актуелниот дански шампион.
Иманол Гарсијандија (27) тешко се пробиваше во шпанската репрезентација, поради големата конкуренција, дебитира во 2018 година, но не играл на силно меѓународно натпреварување. Откако потпиша за Сегед во 2021-та, Гарсијандија се подобрува, а на ова СП може да биде на клупата, оти Алекс Дујшебаев и Хорхе Македа играат на десната бековска позиција. Гарсијандија може да биде изненадувањето на селекторот Жорди Рибера.
Дилан Нахи (23) првпат беше избран во селекцијата на Франција во 2017 година, но актуелниот олимписки првак имаше многу таленти на левата крилна позиција. Со оглед на тоа што Мишел Гигу се пензионира по Летните олимписки игри лани во Токио, а Иго Дескат се повреди, Нахи, играчот на Килце со постигнати 196 гола за четири сезони, доби можност да дебитира на СП, по настапот на ЕП 2022. Г.И.