Фото: „Нова Македонија“

Третото место му припадна на египетскиот клуб Ал Ахли, кој ја совлада Барселона

РАКОМЕТ – ЗАВРШИ 17. КЛУПСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Ракометарите на унгарски Веспрем, предводени од шпанскиот стратег Хавиер Пасквал, триумфираа на Светското клупско првенство, кое се одигра во Каиро (Египет), откако во големото финале го совладаа бундеслигашот Магдебург по продолженијата со 34-33. Во регуларниот дел дуелот заврши 28-28. Ова за Веспрем, кој на СП отиде со вајлд-ката доделена од меѓународната ракометна федерација (ИХФ), е прва титула на ова натпреварување, кое до лани го носеше називот Суперглоуб, и на тој начин го запре германскиот претставник да дојде до својата четврта титула во низа. Французинот Лудовик Фабрегас со девет гола од десет шута беше најефикасен кај победникот, додека кај поразените седум погодоци постигна Исланѓанецот Омар Инги Магнусон. Унгарците за овој успех заработија 350.000 долари, а противникот 100.000.
Третото место неочекувано го освои египетскиот претставник Ал Ахли, кој ја совлада шпанска Барселона со 32-29, која патем е и најтрофејна на ова натпреварување, со вкупно пет трофеи. За овој успех Ал Ахли освои 50.000 долари. Мохсен Рамадан беше најефикасен во победничкиот состав со седум гола, додека во спротивниот табор, средниот бек Блажек Јанц со шест гола. Најефикасен на СП е средниот бек Мујтаба ал Салем од саудискиот клуб Ал Калеј, кој вкупно 34 пати ја затресе противничката мрежа.
ИХФ го прогласи и идеалниот состав. Така, во најдобрата седморка има четворица играчи на Веспрем, а за најкорисен ракометар (МВП) е прогласен десниот бек на Веспрем, Французинот Недим Ремили, кој постигна вкупно 20 гола на четирите средби, а придодаде и 17 асистенции. Во идеалниот тим на СП се најдоа неговите колеги, голманот Родриго Коралес, средниот бек Лука Циндриќ и левото крило Уго Деска. Од Магдебург, левиот бек Гисли Кристјансон и десниот бек Омар Инги Магнусон. Од Барселона, десното крило Алеиш Гомеш, додека од Ал Ахли, пикерот Ахмед Адел.
Во досегашната историја на ова клупско натпреварување, Барселона и Магдебург ја освоиле титулата трипати во низа. Барселона доминираше во конкуренцијата помеѓу 2017 и 2019 година, а Магдебург ги освои претходните три изданија, двапати победувајќи ја Барселона во финалето, во 2021 и во 2022 година. Г.И.