Романија е единствената селекција што досега настапила на сите 24 светски првенства, почнувајќи од 1957 година, а од европските првенства пропуштила само едно, во 2006 година

РАКОМЕТ

Македонската женска ракометна репрезентација доби силен ривал, Романија, во баражот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Шпанија. Во априлските дуели македонските репрезентативки спроти себе ќе ја имаат селекцијата што ја има најдолгата низа од учества на мундијалите. Романија е единствената селекција што досега играла на сите 24 СП, почнувајќи од 1957 година, а од европските првенства (ЕП) пропуштила само едно, во 2006 година. Минатата недела Црна Гора и Норвешка застанаа на патот на Романките во квалификации за пласман на Летните олимписки игри во Токио.
Селекторот на Романија и тренер на најдобриот романски тим Букурешт, Адриан Василие, располага со квалитетен и искусен состав, кој го сочинуваат ракометарки што играат во романскиот шампионат, со исклучок на голманката Јулија Думанска од хрватскиот првак Подравка. Романија го има левиот бек Кристина Неагу (32), која од Светската ракометна федерација (ИХФ) во 2010, 2015, 2016 и во 2018 година беше прогласена за најдобра светска ракометарка, а две признанија има и од Европската ракометна федерација (ЕХФ) како најдобра ракометарка, за 2017 и за 2018 година. Во бековската линија се и централниот бек Елиза Бучеси (27), левиот бек Габриела Периану (26), централниот бек Кристина Ласло (24), во тимот се и искусната пикерка Крина Пинтеа (30) и двете крила Лариса Моиса (31) и Ана Марија Ингау (31).

– Добивме еден од најтешките противници во баражот, но тоа не значи пред време да се предадеме, туку напротив, уште утре почнуваме со анализа на нивните последни мечеви, за да ги детектираме нивните слабости, да поставиме соодветна противигра и да се бориме докрај. Романија во своите редови ја има Неагу, играч од типот на Лазаров и Хансен, имаат одлични пикер и голман, комплетен тим, кој одлично функционира и во позицискиот напад и во одбраната. Ќе ја анализираме и нашата игра, да видиме каде и што треба да поправиме, на кои сегменти да ставиме акцент, за да можеме да се бориме и да ѝ парираме на романската селекција – изјави селекторот Симе Симовски.
Во својата мундијалска историја Романките освоиле по еден златен (1962 година) и бронзен медал (2015) и два сребрени (1973, 2005), а пет пати биле четврти. Романките на ЕП имаат една бронза (2010). На СП 2019 и на ЕП 2020 Романија го освои 12-то место, што е нивни најслаб пласман на ЕП, а најслабиот пласман на СП го имаа пред 20 години, на 17-то место. Романскиот стил и систем на игра добро им се познати на македонските репрезентативки, бидејќи четири од нив се дел од романскиот шампионат, и тоа капитенката Елена Ѓорѓиевска (Магура Чиснадие), Елена Ливриниќ, Марија Штериова (Бузау) и Јована Саздовска (Дунареа Браила). Искуство од играње во романското првенство има и Дајана Јовановска, која беше дел од тимот на Данубиус Галаци. Првиот меч треба да се игра во Романија на 16 или на 17 април, а реваншот е во Македонија на 20 или на 21 април.


БАРАЖ ЗА СП 2021, ДВОЈКИ

Романија – Македонија
Турција – Русија
Чешка – Швајцарија
Словенија – Исланд
Словачка – Србија
Украина – Шведска
Австрија – Полска
Унгарија – Италија
Португалија – Германија
Црна Гора – Белорусија

мечевите треба да се играат од 16 до 21 април