Мартин Серафимов

Со оглед на тоа што патувавме 15 часа и бевме без одржан тренинг, одлично го почнавме мечот, но имавме многу лоша игра во второто полувреме. И покрај сѐ задоволен сум од одиграното, бидејќи Германија е меѓу петте најдобри селекции во светот, изјави селекторот Данило Брестовац, по првиот меч на турнирот во Бугојно

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија со пораз го почна учеството на традиционалниот меѓународен турнир „Ракометот е мојата иднина“, кој седми пат по ред се одигрува во Бугојно, Босна и Херцеговина, во организација на Катарската ракометна федерација.

Македонските ракометни надежи од генерацијата 2000/01, кои ќе бидат домаќини на кадетското Светско првенство во август годинава, беа поразени од врсниците од Германија со 31-24 (15-16). Избраниците на селекторот Данило Брестовац одиграа одлично прво и лошо второ полувреме. По одличната и компактна игра во првите 30 минути во кои Македонија го диктираше темпото на игра, продолжението од мечот донесе дијаметрално спротивна игра во однос на првиот дел.

Отсуството на организациски решенија на нападот резултираа со два „мртви“ периоди, првиот од седум, а вториот од 11 минути без постигнат гол.

– Со оглед на тоа што патувавме 15 часа и бевме без одржан тренинг, одлично го почнавме натпреварот, меѓутоа имавме многу лоша игра во второто полувреме. Немавме решенија во нападот, промашивме три пенали, неколку чисти удари, а ни недостасуваше и помошта од голманот. Но и покрај сѐ, задоволен сум од одиграното, бидејќи Германија е меѓу петте најдобри селекции во светот – изјави селекторот Брестовац.

Најефикасни во македонскиот состав беа десниот бек Мартин Серафимов со шест гола, десното крило Ненад Костески постигна пет, а по четири гола додадоа левиот бек Михајло Младеновиќ и пикерот Кристијан Симоновски.
Синоќа македонските кадети за противник ја имаа селекцијата на Србија, која во првиот дуел од групата А славеше над денешниот противник на Македонија (13 ч.), репрезентацијата на Швајцарија, со 28-24.