Пред почетокот на сезоната во Лигата на шампионите, ЕХФ состави листа на клубови со млади таленти од Киелце, Барселона, Кил, Монпелје и од Целје
Во пресрет на новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), Европската ракометна федерација (ЕХФ) направи кратка листа на клубови што сезонава во своите редови ги имаат најдобрите млади играчи, на која како број еден е издвоен Киелце.
Полскиот првак во своите редови ги има 21-годишните Дорук Пеливан и Бранко Вујовиќ, потоа една година повозрасните Блаж Јанц, Аркадиуш Морито и Даниел Душебаев (европски првак со Шпанија во 2018 година).
На втората позиција на ранг-листата на ЕХФ е шпанскиот гигант Барселона, кој ја има најискусната младина во своите редови. Дика Мем (злато со Франција на СП 2017), Лудовик Фабрегас (злато со Франција на СП 2017, европска титула со Монпелје во 2018 година) и Алеикс Гомез беа клучни алки во играта на шпанскиот шампион и во минатата сезона.
Третата позиција на листата на ЕХФ ја има повратникот во ЛШ, германскиот гигант Кил, каде што се исландскиот суперталент Гисли Кристијансон (20), австрискиот бек Никола Билик (22) и Швеѓанецот Лукас Нилсон (22).
Четврторангираниот Монпелје во своите редови ги има младите, а веќе искусни и дел од шампионскиот состав на Монпелје од пред две сезони, десниот бек Мелвин Ричардсон (22) и централниот бек Килијан Вилемино (21). Меѓу имињата од кои се очекува блесок во новата сезона е и младиот грузиски десен бек Гиорги Tовребадзе (18), кој втора сезона е дел од тимот на Монпелје.
Словенечкиот ракометен расадник Целје ја доби петтата позиција на листата на ЕХФ меѓу клубовите со најдобри млади таленти. Покрај одличните млади Словенци Гал Маргуч (23), Стефан Жабиќ (20), Домен Макуц (19), во нивните редови сезонава ќе го гледаме младиот португалски десен бек Диого Силва, кој летово беше најдобар стрелец и дел од најдобриот тим на јуниорското Светско првенство во Шпанија.