Жарко Пешевски

Цврста одбрана и ефикасен и концентриран напад се сегментите на играта што треба да бидат на максимум за да стигнеме до нашата цел, победа, вели македонскиот селектор Данило Брестовац во пресрет на дуелот денеска на гости со Швајцарија

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Победа во дуелот со Швајцарија ќе биде клучот за нашиот пласман на Европското првенство. Цврста одбрана и ефикасен и концентриран напад се сегментите на играта што треба да бидат на максимум за да стигнеме до нашата цел, победа, вели македонскиот селектор Данило Брестовац во пресрет на дуелот денеска на гости со Швајцарија (18.30 ч., пренос на МТВ), во второто квалификациско коло за пласман на Европското првенство (ЕП), кое во 2022 година треба да се игра во Унгарија и во Словачка.
Во средбите од првото коло, Македонија ја совлада Финска со 32-24, а Швајцарија беше поразена од Данска со 26-31.
– Швајцарците имаат силна и квалитетна репрезентација, која знае да изненади со својата игра. Тоа го видовме со победата над Норвешка во баражот за СП 2019, а изненадување беше и нивниот обид, со данското напаѓачко оружје „седум на шест“ да ја скршат нивната цврста и агресивна одбранбена формација 6-0. Доволно е да се спомене дека на централната позиција го имаат Енди Шмит, моторот на Левен, кој единствен ѝ пркосеше на данската одбрана и кој беше нерешлива енигма за најдобриот дански голман, а таму се одличниот лев бек на Вецлар, Лени Руби, и пикерот на Лајпциг, Ален Милошевиќ – вели Брестовац.
Македонија и Швајцарија во претходните 15 години одиграа шест меѓусебни натпревари. Црвено-жолтите славеа во квалификации за ЕП 2014 (27-22 и 30-24) и за ЕП 2016 (26-17 и 27-20), а Швајцарците беа поуспешни во квалификациите за ЕП 2004 (34-30 и 31-24).

Селекцијата на Швајцарија зад себе има четири настапи на ЕП, и тоа во Шведска во 2002 година (13-то место), во Словенија во 2004 година (12-то, најдобар пласман), во 2006 година како домаќин (14-та позиција) и на шампионатот во Австрија, Норвешка и во Шведска годинава, на кој заврши на 16-то место, зад Македонија.
Македонската репрезентација досега беше дел од шест шампионати, и тоа во Италија во 1998 година (12-то место), во Србија во 2012-та (петто, најдобар пласман), во Данска во 2014 година (10-то), во Полска во 2016-та, во Хрватска во 2018 година (11-то) и годинава во Австрија, Норвешка и во Шведска (15-то).
Пласман на ЕП 2022 обезбедуваат двете најдобро пласирани селекции од секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации во групите. Директен пласман на континенталното првенство во 2022 година обезбедија домаќините Унгарија и Словачка, како и финалистите од ЕП 2020, Шпанија и Хрватска.