Познатата патека Хунгароринг во близина на Будимпешта викендов ќе биде место каде почнува новата сезона на Твинго купот, тркачка серија во која настапуваат и деветмина македонски возачи. Ова е трета сезона на Твинго купот што се одржува во организација на Аутомотив Груп и АКК Рено Спорт Скопје.
Патеката во Унгарија е дел од 12-те трки што сезонава е планирано е да се возат на шест патеки во Европа. Покрај за Твинго купот во кое има засега 33 пријавени возачи, истите трки ќе се бодуваат и за ФИА-ЦЕЗ првенството, и за националните првенства на Словенија и на Македонија, а трофеи ќе им бидат доделени и на најдобрите во категоријата „јуниор“ за возачи до 23 години, како и категоријата „џентлмен“ за возачи над 40 години.
Веќе денеска, петок, се слободните тренинзи за сите 33 натпреварувачи колку што се пријавени сезонава во Твинго купот. Утре, сабота е планирано да се возат квалификациите во траење од 25 минути по што ќе бидат одредени и стартните позиции за неделните трки. Во недела е планирано да се возат две трки, првата во 9.20 часот, а втората во 15.20 часот. Ќе се возат 25 минути.
-Хунгароринг е многу техничка патека. Во секој момент се спремаш за следниот свиок што доаѓа. Додека си во возило постојано доаѓаат свиоците и треба да бидеш подготвен. Треба да се внимава генерално да се избегне сериозен удар или инцидент. Да се биде трпелив, да се задржи сигурна позиција, да се игра тимски додека да дојде вистинскиот момент за напад и победа -, вели Давид Малинковски, актуелниот првак во Твинго купот.
Лани на Хунгароринг на двете трки во генерален пласман победија словенечки возачи, Ник Стефанчич и Матеј Ивануша. Од македонските возачи најдобри беа Мартин Костовски (прва трка) и Давид Малинковски (втора трка). Малинковски на втората трка за малку не успеа да стигне до пиедесталот заземајќи го четвртото место во генерален пласман во конкуренција на 22 возачи.
Покрај во Унгарија сезонава ќе се возат трки и на патеките Ред Бул Ринг во Австрија, на Гробник во Хрватска, кај Брно во Чешка, на Серез, Грција и на Монца Италија
Од пријавени се 33 возачи од шест држави во Твинго куп, најбројни се оние од Словенија, а од Македонија ќе има девет возачи. Ќе има и возачи од Србија, Италија, Чешка и Австрија. Во првенството на Македонија ќе се борат девет возачи. Петмина се членови на АКК Рено Спорт Скопје, двајца се од Свифт рејсинг, и по еден член имаат АКК Проспорт и АКК Сити Скопје. Ќе има и двајца дебитанти кои ќе возат на познатите патеки во Европа заедно со другите натпреварувачи. Тоа се Борис Стојменов и Мурис Хамзиќ, кои ќе бидат во возила на AKK Рено Спорт Скопје.
Актуелен првак во Аутомотив Твинго куп за 2021 година е Давид Малинковски кој лани освои 122 бода и победи на четири од вкупно осум трки, а шестпати беше на пиедесталот. Лани имаше петмина различни победници на трките од Твинго купот.