МОК
- МОК оствари работна средба со висока делегација на Светската е-спорт
федерација, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и понатамошен развој на е-спортот во Македонија
Македонскиот олимписки комитет (МОК) оствари работна средба со висока делегација на Светската е-спорт федерација (ИЕСФ), предводена од претседателот Влад Маринеску, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и понатамошен развој на е-спортот во Македонија. Во ера на брза дигитална трансформација, на средбата беше потврдена заедничката визија за поврзување на е-спортот со традиционалниот спорт, со посебен фокус на заштитата на интегритетот, едукацијата и приближувањето на олимписките вредности до младите генерации, пишува МОК. Генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев, потсети дека е-спортот во државава е признаен од 2022 година, а институционалната поддршка дополнително е потврдена со формирањето посебна комисија во рамките на Олимпискиот комитет.
– За нас како МОК ова е исклучително значајна средба. Ни значи многу што имаме можност да разговараме со претседателот Маринеску, а особено нѐ радува што во структурите на една ваква глобална организација се и Македонците Бобан Тотовски и Игор Недевски. МОК силно го поддржува е-спортот и веќе имаме формирано комисија со цел да го развиваме и интегрираме во секојдневниот спорт, нормално, преку доследна заштита на интегритетот, едукативниот и спортскиот аспект.
Сакаме да ја интензивираме соработката со Македонската е-спорт федерација. Врската помеѓу е-спортот и олимпизмот е веќе реалност, која не може да се игнорира. Активно ги следиме новите трендови и јасно ни е дека за да допреме до младите генерации и да им ги пренесеме олимписките вредности, мораме да зборуваме на нивниот јазик, а дигиталниот свет е нивното секојдневие – вели Тасев, пренесе МОК.
Маринеску изрази благодарност за отвореноста и за визијата на МОК.
– Поддршката од Олимпискиот комитет е од големо значење за глобалниот развој на е-спортот. Радува фактот што Олимпискиот комитет овде има слух за модерното време и новите генерации. Оваа институционална подготвеност за соработка и заштита на интегритетот на спортот е вистински пример за тоа како традиционалниот спорт и е-спортот можат да се надополнуваат во духот на олимписките вредности – рече Маринеску, пренесе МОК.
Генералниот секретар на ИЕСФ, Тотовски, ја поздрави подготвеноста на МОК за продлабочување на соработката и ја потенцира важноста на домашната поддршка.
– Како претставник на Светската федерација, но пред сѐ како Македонец, горд сум на чекорите што ги презема МОК. Следењето на глобалните технолошки и спортски трендови е одлика на вистинско лидерство. Формирањето на посебната комисија и признавањето на е-спортот од 2022 година, како и формирањето е-спорт простор во рамките на Олимпискиот центар, покажуваат сериозна визија. Оваа средба е само потврда дека со заеднички сили можеме да го кренеме е-спортот во државата на едно многу повисоко ниво – рече Тотовски, пренесе МОК.
Посебен фокус во натамошната соработка ќе биде ставен на едукацијата и на заедничкото организирање настани и натпревари, преку кои ќе се промовираат спортскиот и едукативниот аспект на е-спортот. Соработката меѓу двете страни отвора нови можности за поврзување на е-спортот и традиционалниот спорт, особено во создавањето нови можности за младите и за меѓународна промоција на Македонија. На крајот од работната средба беше заклучено дека двете страни остануваат посветени на понатамошен развој на соработката и реализација на нови заеднички активности и иницијативи во областа на е-спортот, пишува МОК. Г.И.
































