Во машкото финале МЗТ Скопје го победи Кожув со 86-61, а во женското Вардар славеше на дуелот со Баскет кам 2011 со 69-55. Наградите МВП ги добија Андреј Маслинко од МЗТ Скопје и Елена Тасевска од Вардар
КОШАРКА – КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР 2025“
Годинашни победници во кошаркарскиот куп „Благоја Георгиевски Буштур“ се МЗТ Скопје во машка и Вардар во женска конкуренција. МЗТ Скопје го освои својот 13. трофеј (претходно во 1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018, 2021, 2023 и 2024 година), победувајќи го со 86-61 гевгелиски Кожув, организаторот на завршниот турнир, во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија.
За најкорисен играч на турнирот (МВП) беше прогласен Андреј Маслинко од МЗТ Скопје, кој постигна 17 поени во финалето и 29 во полуфиналето. На патот до трофејот МЗТ Скопје ги победи Работнички со 97-63 во четврт-финалето и Пелистер со 103-88 во полуфиналето, а Кожув во четврт-финалето беше поуспешен од Куманово со 81-69, а во полуфиналето го совлада Гостивар со 91-72.
Во женска конкуренција, по пауза од шест години, трофејот во купот го освоија кошаркарките на Вардар. Црвено-црните од Скопје во финалето го победија ланскиот освојувач на пехарот, екипата на Баскет кам 2011, со 69-55, и стигнаа до триумф во купот четврти пат во нивната клупска историја. Првите три трофеи вардарки ги освоија во низа од 2017 до 2019 година. За најкорисна кошаркарка (МВП) на турнирот беше прогласена Елена Тасевска од Вардар. Претходно, во полуфиналниот меч, Вардар го совлада тимот на Крива Паланка со 78-72, а Баскет кам 2011 беше поуспешен од Бадел 1862 со 61-58. Г.И.