Мило ми е што се вратив во репрезентацијата, екипата и селекторот ми посакаа добредојде и со нетрпение очекувам повторно да го облечам дресот на националниот тим, вели Шортс по првиот одработен тренинг на подготовките во Скопје
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛОИ 2024
Американскиот кошаркар со македонски пасош Ти Џеj Шортс (25) зад себе има сезона за паметење. Со македонската кошаркарска репрезентација обезбеди пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2025, и тоа како лидер на оваа генерација играчи, особено на мечевите во Гевгелија, а потоа и на гостински терен во Норвешка, кога црвено-жолтите и го потврдија пласманот во главниот дел од квалификациите за наредното ЕП.
Како предводник на германскиот клуб Бон, Шортс стигна и до пехарот наменет за најдобрата екипа во ФИБА Лигата на шампионите, плус со главното индивидуално признание, најкорисен играч (МВП) на завршниот турнир. Како еден од најдобрите на првата бековска позиција, дефинитивно важи за еден од најпосакуваните играчи во Европа. Сето тоа не му пречеше по краток одмор да се појави на првиот тренинг на сениорската репрезентација на Македонија во СРЦ „Кале“ во Скопје.
– Мило ми е што се вратив во репрезентацијата, екипата и селекторот ми посакаа добредојде и со нетрпение очекувам повторно да го облечам дресот на националниот тим. На секој натпревар ќе одиме на победа и ќе се обидеме да напредуваме – вели американскиот бек по првиот одработен тренинг од подготовките.
Еден од најдобрите плејмејкери во Европа смета дека добра работа е што македонската репрезентација претставува микс на искусни, но и на млади талентирани кошаркари.
– Добро е тоа што во тимот имаме искусни кошаркари и млади талентирани играчи, кои носат енергија. Кога ќе се спојат тие две работи, секогаш придонесуваат за добра атмосфера во репрезентацијата. Треба само да продолжиме да тренираме заедно, да дадеме сѐ од себе и успехот ќе дојде – додава Шортс.
На турнирот во Талин, Македонија прво треба да игра со селекцијата на Израел, на 12 август, следниот ден е дуелот со Естонија, а на 15 август со Чешка. Двете првопласирани репрезентации ќе продолжат во Полска на фајналфор-турнир, од каде што победникот ќе настапи в година во квалификациите за ЛОИ 2024. Другите два учесника на фајналфорот, пак, ќе се добијат од турнир во Гливице (Полска), на кој ќе настапат репрезентациите на Полска, Португалија, Унгарија и на БиХ. Г.И.
Во новата сезона во нов клуб
Ти Џеј Шортс ќе настапува во нов клуб следната сезона. По триумфот во ФИБА Лигата на шампионите и МВП-признанието, Американецот си замина од Бон и од следната сезона ќе игра во француското првенство за екипата на Париз. Францускиот клуб минатата сезона не се пласира во тамошниот плејоф, но сега очигледно има во план повисоки амбиции со Шортс. Шортс по доаѓањето од САД досега има настапувано за екипите на Вентспилс, Хамбург, Кралсхајм Мерлинс и Бон.