Парадоксално во државата е ние, кои реално сме создале основи (историски, традиционални, правни и политички) за малцинските заедници да ги уживаат највисоките права, да демонстрираме амнезија, недоветност или неукост за да ги вклучиме сите заедници еднакво при одбележувањето токму на нашите заеднички државни празници! Ете, затоа е важно обединувањето за кое сите зборуваме, особено на државните празници, оти во спротивно тие ќе се претворат во обична приватна забава на функционерите, што на некој начин уште повеќе ќе ги оддалечи и поединецот и колективитетите од датумите што се свети за државата и за сите нас заедно што живееме во Македонија, која е наш дом и татковина

Како одбележувањето на најголемиот државен празник покажа дека нашето мултиетничко општество фаворизира само една малцинска заедница

Иако во повеќето пораки упатени при одбележувањето на 120-годишнината од Илинденското востание провејуваше лајтмотивот за обединување, она што можеше да се забележи во практика на прославите на најголемиот национален и државен празник беше токму истакнувањето на бинационалноста наспроти мултиетничноста на македонското општество!

Инклузивност и во содржините и во
формите: Што беше тоа?!

Впечатокот што можеше да го добие секој објективен набљудувач од страна следејќи ја централната манифестација на Мечкин Камен на 2 Август е дека Македонија е земја во која албанската малцинска заедница е единственото малцинство во државата, без оглед што македонското општество важи за мултиетничко.
Имајќи предвид дека Илинденското востание било изблик на сплотеност на македонскиот народ и сите други малцинства во копнежот за сопствена држава, актуелната прослава во Крушево покажа дека при одбележувањето на најголемиот државен празник (не)свесно се заборава на сите други малцински заедници во земјава.
Ако со настапот на ансамблот „Танец“ беше отсликана вековната епопеја на македонскиот народ, со изведбата на албански ора беше претставена и најголемата малцинска заедница во земјава, со што се заокружи културно-уметничката манифестација, која во суштина требаше да биде одраз на стремежите на сите што живеат во Македонија, за просперитетна и напредна држава во која се почитуваат правата на сите еднакво.
Она што недостигаше беше краток, макар симболичен, настап и на другите малцински заедници за да се демонстрира мултиетничкиот карактер на македонското општество, но истовремено да се испрати и моќна порака дека сите граѓани во оваа земја, без оглед на нивната етничка, верска или каква било друга определба, застануваат сплотени зад идеалите на илинденците и сонот за самостојна македонска држава. На тој начин секоја малцинска заедница ќе чувствува уште поголема приврзаност кон својата татковина, ќе се испрати јасна порака за инклузивност, дека заедничкиот настап во секоја пригода е дел од овдешната традиција, почнувајќи од илинденците и партизаните, па до денешни времиња.
Вака се испрати сосем погрешна порака, дека Македонија е држава само на македонскиот народ и албанската малцинска заедница, а дека сите други треба да се задоволат само со еден ден за празнување во годината и дека нема потреба од нивна инклузивност на најголемиот државен празник.
Парадоксално е ние постојано да тврдиме дека малцинските заедници ги уживаат највисоките права, а од друга страна да забораваме да ги вклучиме сите еднакво при одбележувањето на државните празници. Затоа е важно обединувањето, особено на државните празници, оти во спротивно тие ќе се претворат во обична приватна забава на функционерите, што на некој начин уште повеќе ќе ги оддалечи граѓаните од датумите што се свети за државата.

Не е отсега демонстрирањето на јавна манифестација дека земјава де
факто функционира како бинационална

– Ова не е од сега, туку се случуваше и лани на Пелинце. Тогаш прославата заврши со настап на Државниот ансамбл на албански народни песни и орa. И тоа не е спорно, туку спорно е што само на албанската малцинска заедница ѝ се дава толкав простор, а сите други малцинства како да не постојат. Разбирам дека програмата не може да трае во недоглед, но манифестацијата може да се осмисли подобро, да има понекој рецитал на турски, на српски, на влашки, на ромски, или нека биде сплет во кој ќе учествуваат еднакво сите малцински заедници, а не од нив да се диференцира само албанската заедница – велат пиар-експертите со кои се консултиравме и кои имаат искуство со организирање вакви манифестации.
Според нив, не е проблем времето, оти сè може добро да се осмисли, туку е проблем тоа што земјава де факто функционира како бинационална.
– Не може да се испраќаат пораки за обединување и заедништво, а од друга страна само една малцинска заедница да ги ужива сите привилегии во земјава и, згора на тоа, да биде најмалку лојална кон државата од која ги црпи тие привилегии. Ако веќе се декларираме за мултиетничко општество, тоа мора да го демонстрираме секогаш и секаде, особено на големите државни празници. Така покажуваме цврстина и како општество и многу полесно ќе се соочуваме со сите предизвици со кои се соочуваме однадвор. Маргинализацијата на другите малцински заедници уште повеќе ќе ги продлабочи внатрешните поделби – констатираат соговорниците.