Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прв противник на црвено-жолтите, кои ќе настапат без повредениот бек Димитријевиќ, е селекцијата на Израел (18 ч.)

КОШАРКА – ДЕНЕСКА МАКЕДОНИЈА ГИ ПОЧНУВА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЛОИ 2024

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација, денеска во Талин, ќе го одигра првиот од предвидените три натпревари во рамките на претквалификацискиот турнир (12-15 август) за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2024. Прв противник на црвено-жолтите, кои ќе настапат без повредениот бек Ненад Димитријевиќ, е селекцијата на Израел.
– Ние како екипа, кои сме во Талин, ќе дадеме сѐ од себе да се прикажеме во добро светло и да стигнеме до добар резултат. Што се однесува до противниците, станува збор за многу добри репрезентации. Во изминатиот период видовме со кој потенцијал ќе дојдат во Талин. Оттука сметам дека ова ќе биде добар тест да видиме колку можеме да сториме во ваков состав, во кој има неколку измени, но во исто време да биде и едно искуство плус за оние помладите играчи во репрезентацијата пред кои следуваат и други вакви и слични предизвици – вели капитенот на македонската репрезентација Војдан Стојановски, во пресрет на почетокот на денешниот турнир во Талин, кој се игра во градската арена „Тондираба“ од 18 часот.
Првопласираните две репрезентации ќе продолжат во Полска на фајналфор-турнир, од каде што победникот ќе настапи в година во квалификациите за ЛОИ 2024. Другите два учесника на фајналфорот, пак, ќе се добијат од турнир во Гливице (Полска), на кој ќе настапат репрезентациите на Полска, Португалија, Унгарија и на БиХ. Г.И.


ФИБА: Македонија е петти фаворит

Светската кошаркарска федерација (ФИБА), пред почетокот на претквалификациите, ја рангира Македонија на петтото место за пласман на ЛОИ, потенцирајќи дека има евидентен напредок, ги помина двете претквалификациски фази за ЕП 2025, го има најдобриот играч во ФИБА-лигата на шампионите, Ти-Џеј Шортс, како и играчот на Уникс Казан, Ненад Димитријевиќ (кој во Талин, сепак, ќе апстинира поради повреда н.з.). Според ФИБА, зад првиот фаворит БиХ е Полска, а следуваат Чешка и Израел (од групата на Македонија), шеста е Естонија, седма Унгарија, а осма Португалија.


Распоред на натпреварите

ДЕНЕСКА
Чешка – Естонија 15 ч.
Македонија – Израел 18 ч.
УТРЕ
Израел – Чешка 15 ч.
Естонија – Македонија 18.00:
ВТОРНИК
Чешка – Македонија 15 ч.
Израел – Естонија 18 ч.