Кошаркарската репрезентација на Македонија со пораз ги почна квалификациите за Европското првенство в година, откако вечерва загуби од Естонија со 69-73 (20-19, 23-17, 10-21, 16-16), во натпреварот одигран во СРЦ „Кале“ во Скопје. Клучна беше третата четвртина што гостите ја добија со 11 поени разлика, откако Македонија имаше предност од седум коша по првото полувреме.
Ненад Димитријевиќ ја предводеше Македонија со 25 поени, два скока и три асистенции, додека Итан Хап забележа дабл-дабл учинок од 18 коша и 10 скока. Димитријевиќ, кој денеска го слави 26-от роденден, се повреди на седум минути до крајот на мечот. Мајк Коцар и Сим Вене уфрлија по 16 поени за Естонија.
Македонија в понеделник ќе гостува во Полска, а Естонија ќе ја пречека Литванија. Литванците вчера славеа убедливо против Полска со 83-64.