Меѓу нив е и славниот српски кошаркар Радивој Кораќ, кој ги бранеше боите на поранешна Југославија, а инаугурацијата е закажана за 10 септември

КОШАРКА

Официјално е потврдено дека кошаркарите Тим Хардавеј, Ману Џинобили, Хју Еванс, Дел Харис, Лу Хадсон, Лери Костело и Радивој Кораќ, тренерите Боб Хагинс, Џорџ Карл, како и кошаркарките Линдзи Вејлен, Свин Кеш, Маријан Стенли и Тереза Шанк-Гренц се новите членови од класата 2022 во „Куќата на славните“, а ќе бидат инаугурирани на 10 септември.
Меѓу оние што го привлекуваат вниманието со својата богата кариера се Џинобили, кој беше четирикратен шампион во НБА-лигата со Сан Антонио, двапати учествуваше на олстар-натпреварите, а со Киндер ја освои Евролигата, како и олимписко злато со репрезентацијата на Аргентина. Хардавеј, пак, е петкратен олстар-учесник, има злато од ЛОИ во Сиднеј 2000, додека Кеш е трикратна шампионка на ВНБА-лигата и двократна олимписки победничка.
Од балканските простори, во „Куќата на славните“ ќе биде примен легендарниот српски кошаркар Радивој Кораќ (1938-1969), кој ги бранеше боите на поранешна Југославија, а трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа. Во неговата богата играчка кариера настапуваше за ОКК Београд, Лиеж и Падова. Кораќ е освојувач на првите медали на поранешна Југославија на трите најголеми натпреварувања, сребро на ЛОИ 1968 година, на СП 1963 и 1967 година, на ЕП 1961 и 1965 година и европска бронза во 1963 година. Ќе остане запаметен и по 99-те коша што ги постигна против шведски Алвик во Купот на шампионите, додека настапуваше за ОКК Београд. Негови сонародници, кои се веќе примени во „Куќата на славните“ во Спрингфилд, се Бора Станковиќ (примен 1991), Александар Николиќ (1998), Дражен Далипагиќ (2004) и Владе Дивац (2019).
Говорот посветен на Кораќ е предвидено да го одржи Спенсер Хејвуд, кој со клубот Лос Анџелес лејкерс во 1980 година ја освои шампионската титула во НБА-лигата. Г.И.