Дијаз потекнува од Баранкас, мало гратче во северната колумбиска пустина, каде што почнал да игра фудбал. Потоа поминал три години во Атлетико јуниор во Колумбија, пред да се пресели во Порто, а потоа зимава на „Енфилд“, каде што со добрите игри пролетва се вброи меѓу најдобрите напаѓачи во Премиер-лигата

ФУДБАЛ – ЛУИС ДИЈАЗ

Баранкас е правливо, мало, заспано гратче во северната колумбиска пустина. Сиромаштијата и запоставеноста од Владата силно го притискаат градот, а моментите на радост се ретки и малобројни. Но, сепак, постои исклучок од правилото. Треба да се прошета низ Баранкас кога игра Ливерпул и ќе се види и ќе се слушне разликата. Тоа се извици на охрабрување и френетични аплаузи, а сето тоа во чест на омилениот син на градот, Луис Дијаз (25), напаѓачот на Ливерпул, еден од англиските и европски фудбалски великани, пишува весникот „Телеграф“.
Дијаз пораснал тука, шутирајќи топка бос по околните улици полни со дупки. Сега месното население се собира по баровите или по куќите за да го гледа во акција. Понекогаш, за некои важни пригоди, се поставува екран на еден од локалните фудбалски терени, последен пат за финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) против Реал Мадрид.
Приказните за потеклото на јужноамериканските фудбалери ретко се среќни. И таа на Дијаз не се разликува многу, иако неговите стари пријатели и семејството сакаат да нагласат дека некои од тврдењата за него, особено инсинуациите дека постојано бил неисхранет, не се вистинити. Неговото семејство не било едногласно во поддршката за фудбалската кариера. Таткото, Луис Мануел, строг, но со „остро око“ за неговиот талент, бил среќен за сонот на својот син, но мајка Силенис била помалку убедена.

Затоа во раната младост, покрај тренирањето фудбал, од него се очекувало да му помага на семејството и да заработува пари, продавајќи домашни слатки и тамали (тесто од пченка обвиткано со слатки или солени филови) на улиците на Баранкас.
Пробивот во професионалната кариера му се случи на релативно доцна возраст, на 18 години, кога неговиот вујко го одвел во Баранкилја, на шест часа возење подалеку, за да настапи на пробните натпревари на Атлетико јуниор, клуб од Првата лига на Колумбија. Дијаз бил меѓу 3.000 млади таленти што настапиле и еден од неколкуте на кои им бил понуден професионален договор. И покрај загриженоста за неговата тенка става, тој бил интегриран во резервниот тим на Баранкилја, со приспособена програма за исхрана и за вежбање, со што требало да се забрза неговиот физички развој. Дијаз помина три години во Атлетико јуниор пред да се пресели во Порто, во Португалија, а потоа зимава на „Енфилд“, каде што со добрите игри пролетва се вброи меѓу најдобрите напаѓачи во Премиер-лигата. Во второто коло сезонава, тој постигна гол против Кристал палас по извонредна индивидуална акција. Со оглед на тоа дека Уругваецот Дарвин Нуњез беше исклучен на тој меч и е суспендиран, а Садио Мане му беше продаден на Баерн Минхен летово, се очекува Дијаз да биде еден од главните во нападот на Ливерпул на следните натпревари, почнувајќи од синоќешниот меч против Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“. Л.Д.


Не ги заборава корените

Успехот на Дијаз доведе до тоа колумбиската влада да изгради синтетички терени во Баранкас, во градот каде што локалната клима е премногу сушна. Локалната младина сега има пример и надеж за подобар живот.
– Оваа област е многу оддалечена, економските услови не се многу добри, но менталитетот кај младите во Баранкас е променет. Порано младите играа фудбал заради забава, но сега играат со надеж дека ќе имаат шанса да направат професионална кариера. Малку по малку градот го добива она што го заслужува – вели Џошер Брито, постар братучед на Дијаз.
Дијаз не ги заборава своите корени. Тој се врати во Баранкас во јули 2021-та, по настапот на Копа Америка, каде што беше најдобар стрелец, покрај Лионел Меси.
– Повеќе од сѐ се надеваме дека нема да се промени поради славата. И дека ќе остане тоа што е дека ќе се враќа во градот кога ќе има можност – вели Гомез.