Фото: ЕПА

Вембањама сезонава во Метрополитанс 92, професионален тим во француската лига, имаше просек од 21,6 поен и 10,4 скока по натпревар и освои неколку награди, вклучувајќи го и прогласувањето за најкорисен играч (МВП)

КОШАРКА – НБА-ДРАФТ

Французинот Виктор Вембањама (19) е избран за прв избор (т.н. пик) вкупно од Сан Антонио спарс на драфтот во кошаркарската НБА-лига во Њујорк, со што талентираниот играч, за кого велат дека се појавува еднаш во една генерација, стана француски кошаркар со највисока позиција во историјата на драфтот на НБА-лигата, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Тој влегува во лигата со внимание што не е забележано откако Леброн Џејмс, најдобриот стрелец на сите времиња во НБА, беше избран пред 20 години, а со височина од 2,24 метри Вембањама има големина на центар, но способности за ракување со топката, додавање и шутирање како бек, комбинација со потенцијал да го револуционизира спортот, пишува „Ројтерс“.
Вембањама е опасен шутирајќи од далечина и може да скока и да забие од сопствените промашувања. Со големиот распон на рацете тој може лесно да блокира и да остварува скокови, пишува „Ројтерс“.
Сан Антонио досега двапати имаше прв избор на драфтот, избирајќи ги идните членови на Кошаркарска куќа на славните Дејвид Робинсон во 1987 година и Тим Данкан во 1997 година. Тие го водеа Спарс до две титули во НБА, а Данкан освои уште три со Сан Антонио. Тимот има историја на успех со француски играчи, вклучувајќи го и Тони Паркер, кој го доведе до четири шампионски титули помеѓу 2003 и 2014 година и на кој Вембањама му восхитува, пишува „Ројтерс“.
Вембањама сезонава во Метрополитанс 92, професионален тим во француската лига, имаше просек од 21,6 поен и 10,4 скока по натпревар и освои неколку награди, вклучувајќи го и прогласувањето за најкорисен играч (МВП).
Откако Вембањама беше прв избор, Шарлот го избра Брендон Милер како втор, а Портланд го избра Скот Хендерсон како трет. Н.М.