17Сезонава пет статистички шампиони се од пет различни земји, кошаркари од 44 држави постигнаа поени, првпат во историјата на НБА играчите од друга земја, освен од САД, заедно постигнаа повеќе од 15.000 поени, седма година по ред интернационалец би бил МВП, првпат странец го има најпродаваниот дрес, тоа е и сезона кога четворица играчи надминаа 2.000 поени во НБА, а тројца од нив беа странци…, пишува АП
КОШАРКА – НБА
Во сезоната во кошаркарската НБА-лига каде што петте статистички шампиони беа од пет различни земји, првпат во НБА, најдобриот стрелец Шај Гилџеус-Александер е Канаѓанец, најдобриот во скокови Домантас Сабонис од Сакраменто е од Литванија, шампионот во блокови Виктор Вембањама од Сан Антонио е од Франција, победникот за украдени топки Дајсон Даниелс од Атланта е од Австралија, а првопласираниот во категоријата асистенции Треј Јанг од Хокс е од САД, плејофот ќе има и интернационален шмек, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Повторно, НБА-плејофот се поставува за да биде изложба на меѓународните ѕвезди.
– Имаме огромен број меѓународни играчи во оваа лига. Околу 30 отсто од нашите играчи претставуваат, барем на денот на отворањето, 43 различни земји, така што има многу повеќе глобално чувство околу нашите тимови – рече комесарот на НБА, Адам Силвер, претходно сезонава.
До крајот на сезоната, тој број се искачи на 44 различни земји, барем во однос на земјите во кои се родени играчите што постигнаа поени во НБА сезонава. Првпат во историјата на НБА, играчите од друга земја, освен од САД, заедно постигнаа повеќе од 15.000 поени, откако канадските кошаркари постигнаа 15.588 сезонава, предводени од Гилџеус-Александер, првиот најдобар стрелец од таа земја.
Фаворити за наградата за најкорисен кошаркар (МВП) се Гилџеус-Александер од Канада и Никола Јокиќ од Србија, што значи дека седма година по ред интернационалец би бил МВП во НБА, откако Јанис Адетокунбо победи двапати, потоа Јокиќ победи трипат во последните четири сезони, а пред две сезони победи Џоел Ембиид од Филаделфија, роден во Камерун, пишува АП. Сезонава донесе уште еден интернационалец на прво место, бидејќи Лука Дончиќ е водечки на листата на најпродавани дресови во НБА. Словенечкиот кошаркар е првиот интернационалец што е на врвот на листата на најпопуларни дресови и првиот кошаркар, освен Стивен Кари или Леброн Џејмс, што го освоил тоа место по повеќе од една деценија, откако тоа го направи членот на Кошаркарската куќа на славните Кармело Ентони кога беше во Њујорк во сезоната 2012/2013.
Сето ова доаѓа во време кога НБА е посериозна од кога било досега во врска со зголемувањето на своето меѓународно влијание. Минатиот месец, Светската кошаркарска федерација (ФИБА) и НБА објавија план за партнерство за нова европска кошаркарска лига, со 16 тима, пишува АП. Тоа беше и сезона кога четворица играчи надминаа 2.000 поени во НБА, а тројца од нив беа странци, Гилџеус-Александер, Јокиќ и Адетокунбо. На глобално ниво, времето поминато за гледање на НБА-лигата е зголемено за шест отсто во однос на минатата сезона, пишува АП.
Генералниот секретар на ФИБА, Андреас Загклис, рече дека бројките, кои очигледно се поттикнати од континуираниот меѓународен раст, сугерираат дека спортот е многу силен во моментов.
– Гледајќи низ светот и секако тука во Северна Америка, НБА е најпопуларна и комерцијално поуспешна од кога било – рече Загклис, пренесе АП. Н.М.