Фото: Маја Јаневска-Илиева

КОШАРКА – ЕВРОКУП

Париз има 16 победи и еден пораз и заедно со Бург (14-3), на едно коло пред крајот на регуларниот дел од сезоната, се пласира во четврт-финалето

На едно коло до крајот на регуларниот дел од сезоната се познати 10 од 12-те тима што ќе играат во нокаут-фазата на кошаркарскиот Еврокуп. Париз, за кој настапува македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс, и Бург, двата клуба од Франција, обезбедија директен влез во четврт-финалето, каде што ќе настапат по две првопласирани екипи од секоја од двете групи. Тимовите од третото до шестото место од двете групи, пак, прво ќе играат во осминафиналето.

По 17 кола, Париз е најуспешниот тим сезонава, со 16 победи и еден пораз, во групата А (без пораз на гости), а засега втор според успешноста е Бург, кој во групата Б има 14 победи и три пораза.

Во следната рунда на Еврокупот се пласираа Париз, Хапоел Тел Авив, Лондон, Жовентут, Бешикташ и Прометеј од групата А, како и Бург, Клуж, Гран Канарија (актуелен победник на Еврокупот) и Улм, а во последното коло ќе се решава за уште двете места во осминафиналето.

Париз е водечки тим и според постигнатите поени сезонава, 98,2 во просек по натпревар, потоа според просечниот индекс-рејтинг, со 115, во категоријата погодени удари за два поена, со 27,1, и има најмалку грешки по меч, 10,5.

Поединечно, пак, Шортс е водечки во реализирани удари за два поена, со шест, во асистенции, со 7,4, и во просечниот индекс-рејтинг, со 22,5, и е втор според просечен број поени, со 17,7. Тој е и водечки во Еврокупот според бројот на кола во кои е прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) на колото, откако трипати беше избиран за МВП (во првото, 10-то и во 12-то коло).

Шортс во минатата сезона беше прогласен за МВП на регуларниот дел и на фајналфорот на Лигата на шампионите (ЛШ) на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), играјќи за победникот на тоа натпреварување, Бон од Германија.
Според правилата, финалистите на плејофот во Еврокупот ќе стекнат право во идната сезона да се натпреваруваат во Евролигата. Н.М.