Фото: „Нова Македонија“

Институционален вакуум во пакет со неодговорност на институциите, двете на штета на граѓаните

Државните институции (претседателот, довчерашниот премиер и министерот за надворешни работи) надлежни за решавање на хаотичната состојба со личните документи во која се доведени македонските граѓани, треба да бидат повикани за запоставување на службената должност. Меѓусебното префрлање на обврската околу воспоставување контакт со грчките власти за спроведувањето на Преспанскиот договор, во делот за важноста на личните документи, покажува крајна неодговорност спрема македонските граѓани. На крајот, новиот министер за внатрешни работи презема конкретен чекор, иако можеби не се во негова надлежност прашањата поврзани со надворешните односи на државата… Претходно настанатиот институционален вакуум во решавањето на овој непотребен предизвик доведе до „преклопување“ или ненадлежно „преземање“ на ингеренции

Веќе се бројат на прстите од рацете деновите до истекот на важноста на личните документи издадени од Република Македонија, иако можеби на нив е наведен „рок на траење“ уште неколку години. И покрај декларативните заложби на највисоките државни институции во Македонија (претседателот Пендаровски, довчерашниот премиер Ковачевски, министерот за надворешни работи Османи) дека ќе се обратат до соодветните институции во Грција за привремено одложување за спроведување на обврските од Преспанскиот договор, во делот за личните документи, десетина дена пред последниот рок никој од нив не го стори тоа!
Во меѓувреме македонските граѓани се принудени на непријатни и долги процедури за замена на документите и неизвесност околу важноста и можноста за употреба на веќе постојните пасоши, лични карти, возачки дозволи, кои формално сепак се со валидна важност.

Македонските граѓани се доведени во ситуација да им бидат загрозени правото и можноста за слободно движење

Веднаш по стапувањето на должност, министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски оствари средба со амбасадорката на Грција во Македонија, Софија Филипиду, на која тој го презентирал проблемот со недостигот од обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање.

Но, според него, амбасадорката била јасна во однос на рокот до кој граѓаните треба да ги заменат патните исправи.
– Амбасадорката јасно си кажа. Ми кажа: „Извинете, министре, но договорот стапи во сила на 12.2.2019, пет години истекуваат на 12.2.2024 година, тоа е тоа“ – рече министерот за внатрешни работи во медиумско гостување, додавајќи дека од страна на грчката амбасадорка му било соопштено дека од нашите институции во повеќе наврати било навестено дека „нема да го имаме овој проблем што го имаме“.
Десетина дена пред истекот на важноста на личните документи, по силата на Преспанскиот договор, граѓаните на Македонија се доведени во ситуација да бидат загрозени нивните човекови права, но и обврски спрема државата – од правото на (само)идентификација, па до она за слободно движење, во најголема мера поради несиметричниот меѓународен договор, но и поради префрлањето на одговорноста на државните институции за последиците од неговото спроведување.

Претседателот, довчерашниот премиер и министерот за надворешни работи треба да бидат повикани за запоставување на службената должност!?

– Според Уставот, македонските граѓани имаат право на слободно движење, како едно од базичните човекови права. Но првпат, по 1839 година, кога султанот во Македонија го укинал крепосништвото, македонските граѓани се доведени во ситуација да им бидат загрозени правото и можноста за слободно движење, поради крахот на политиката на СДСМ и ДУИ со Преспанскиот договор и неговото спроведување, што се покажа со колапсот на системот за издавање лични документи. Во тој контекст, надлежните државни институции за решавање на оваа состојба во која се доведени македонските граѓани (претседателот, довчерашниот премиер и министерот за надворешни работи) треба да бидат повикани за запоставување на службената должност. Меѓусебното префрлање на обврската за воспоставување контакт со грчките власти за спроведувањето на Преспанскиот договор, во делот за важноста на личните документи, покажува крајна неодговорност спрема македонските граѓани. На крајот, новиот министер за внатрешни работи презема конкретен чекор барем околу информацијата за можноста за одложување на рокот за замена на документите. Иако можеби не се во негова надлежност прашања поврзани со надворешните односи на државата, но проблемот со издавање на пасошите се ефектуира во неговиот ресор.

Претходно настанатиот институционален вакуум во решавањето на овој непотребен предизвик за македонските граѓани доведе можеби до привидно „преклопување“ или „преземање“ на надлежностите. Но преземањето одговорност на новиот министер за внатрешни работи е логично и во интерес на граѓаните, додека однесувањето на надлежните институции, односно личности со извршна функција за ситуацијата што претходно самите ја креираа, е повеќе како на слободни филозофи без извршна одговорност и затоа би требало да одговараат барем за запоставување на службената должност – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор.