Тренерот на Мајами, Ерик Сполстра, ја оствари 103-та победа во плејофот, со што стана третиот тренер со исто толку триумфи во доигрувањето водејќи една екипа

КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Мајами поведе со 3-1 во полуфиналето на Источната конференција во кошаркарската НБА-лига, откако на свој терен го совлада Њујорк со 109-101, а со 3-1 поведе и ЛА лејкерс против актуелниот шампион Голден стејт во полуфиналето на Западната конференција, славејќи со 104-101, исто така на домашен терен. Се игра до четири победи.
За тренерот на Мајами, Ерик Сполстра, ова беше 103-та победа во плејофот, со што стана третиот тренер во историјата со исто толку триумфи во доигрувањето водејќи една екипа. Прв е Грег Попович, кој со Сан Антонио има 170 победи, а втор Фил Џексон 118 со ЛА лејкерс и 111 со Чикаго. На овој меч дабл-дабл ефект во домашниот тим забележа Џими Батлер со 27 поени и 10 асистенции, Бем Адебајо забележа 23 поени и 13 скока. Кај Њујорк најефикасен беше Џејлен Брансон со 32 поени и 11 асистенции. Петтиот меч се игра в четврток во Њујорк.
Иако бранителот на титулата Голден стејт водеше со 12 коша разлика (77-65) во средината на третата четвртина, сепак кошаркарите на ЛА лејкерс успеаја да направат пресврт во последната четвртина благодарение на одличната игра на Лони Вокер, кој уфрли 15 поени, вклучувајќи го и клучното слободно фрлање на 15 секунди пред крајот. Леброн Џејмс постигна 27 коша, остварувајќи девет скока и шест асистенции, а Ентони Дејвис имаше дабл-дабл ефект, со 23 поени и 15 скока. Кај гостите предничеше Стеф Кари со 13-от трипл-дабл во кариерата (31 кош, 14 асистенции, 10 скока), Ендрју Вигинс уфрли 17, а Гери Пејтон 15 поени. Следниот дуел се игра в четврток во Сан Франциско. Г.И.