КОШАРКА – ПОЧНУВА АБА-ЛИГАТА

Во првото коло, македонскиот шампион, кој по четири години се врати во ова натпреварување, му гостува на бранителот на титулата, белградска Црвена звезда

По пауза од четири години, Македонија ќе има свој претставник во АБА-лигата, тоа е МЗТ Скопје, кој последен пат беше дел од ова елитно друштво пред четири години. Во првото коло, актуелниот македонски шампион ќе биде пред тежок предизвик, денеска (20 ч.) ѝ гостува на белградска Црвена звезда, бранителот на титулата во ова натпреварување. Скопјани имаа непосакувана ждрепка, оти во првите три кола ќе играат против три кандидати за титулата (Ц. звезда, Партизан и Будуќност), од кои два се и евролигаши. За МЗТ Скопје, предводен од тренерот Петровиќ, како и од искусните играчи Војдан и Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Адем Мекиќ, главна цел ќе биде да се обезбеди опстанок во лигата.
– АБА-лигата е меѓу трите најквалитетни натпреварувања во Европа. Пред нас е напорна, тешка сезона, но ние на секој меч ќе одиме на победа. Во АБА-натпреварувањето, секој дуел за нас ќе биде финале, а секоја победа ќе биде злато вредна. Се надевам на што е можно повеќе победи, а со тоа и успешна презентација на македонската кошарка – вели капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски.

Екипите од Србија се повторно најмногубројни, пет, Хрватска и Црна Гора имаат по три претставници, БиХ, Словенија и Македонија по еден. Лигата официјално започна синоќа со првиот натпревар помеѓу екипите на Задар и Студентски центар. Г.И.