РАКОМЕТ – НЕДЕЛА НА ЕХФ

Во првиот меч, кој беше од затворен карактер, Норвежанките славеа со 27-26

Женската ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Љубомир Савевски, минимално загуби од селекцијата на Норвешка (со 26-27), во првиот од двата предвидени пријателски натпревари во Скопје.

Во мечот што се одигра зад затворени врати, Македонките имаа предност на полувремето од 17-14, во финишот беше нерешено 26-26, но сепак, Норвежанките во последниот напад успеаја да го постигнат победоносниот гол.

Најефикасна во македонскиот состав беше Леонида Гичевска, која шест пати ја затресе противничката мрежа. Вториот пријателски дуел помеѓу овие две селекции, кој ќе биде од отворен карактер, се игра денеска (16 часот), во СЦ „Борис Трајковски“, а влезот е слободен.

Дуелите со Норвешка се во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), но секако ќе послужат и како добар тест пред претстојното Европско првенство (4-20 ноември), кое ќе се одржи во Словенија, Македонија и во Црна Гора. Македонија е во групата Ц, заедно со силните селекции на Франција, Холандија и на Романија, а натпреварите ќе ги игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Г.И.