КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ, ДИВИЗИЈА А
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија загуби од Турција со 74-82 во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) во Скопје за играчи до 16 години (дивизија А), каде што настапуваат 16 селекции. Со тоа избраниците на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ ја испуштија можноста за висок пласман, но и првата можност за опстанок во елитата. Најефикасни во македонските редови беа Никола Јаничиќ со 15, Марко Луканоски со 13 и Димитар Зетов со 11, а кај Турците Дениз Гокпинар со 22 коша.
Во следниот елиминациски круг, Македонија вчера во СРЦ „Кале“ требаше да игра со селекцијата на Данска, која, пак, во осминафиналето убедливо загуби од Литванија со 48-97. Триумф на тој натпревар ѝ носи на Македонија борба за пласман од деветтото до 12. место, односно обезбеден настап во оваа конкуренција и следната година. Во случај на пораз, македонските надежи ќе мора да слават во следните два дуела.
Резултати, осминафинале: Франција – Хрватска 97-59, Шпанија – Полска 96-54, Словенија – Холандија 78-66, Италија – Црна Гора 78-72, Грција – Летонија 84-62, Литванија – Данска 97-48, Србија – Израел 86-94, Турција – Македонија 74-82.
Четвртфинални двојки (играно вчера): Франција – Италија, Словенија – Шпанија, Литванија – Турција, Израел – Грција.
Натпревари за пласман од деветтото до 16. место (играно вчера): Хрватска – Црна Гора, Холандија – Полска, Данска – Македонија, Србија – Летонија. Г.И.