Македонија ќе се сретне со Словачка в четврток и три дена подоцна со Норвешка, со двете на гости. Во игра се повеќе опции, но, сепак, уште една победа на Македонија ќе значи сигурен пласман во главните квалификации, а со тоа и играње за настап на ЛОИ в година во Париз

КОШАРКА – ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА РЕШАВАЧКИТЕ ДУЕЛИ ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025

Македонската кошаркарска репрезентација вчера во СРЦ „Кале“ го имаше првиот собир пред првиот дуел на гостински терен против Словачка, в четврток во Левице (18 ч.), а три дена подоцна игра и со Норвешка во Осло (18 ч.), во петтото и шестото коло од претквалификациите за пласман во главните квалификации за играње на Европското првенство (ЕП) во 2025 година во Летонија, Кипар, Финска и во Полска.
Црвено-жолтите се на добар пат да влезат во главните квалификации, оти по четири кола имаат исто толку победи и се први во групата Д, од која само првиот оди понатаму, а другите селекции ќе играат нов претквалификациски циклус.
Македонскиот селектор Александар Јончевски го објави поширокиот список од 24 кошаркари на кои смета за двата дуела, но тој наскоро ќе биде скратен на 14. На овој список, кој и овој пат ќе биде ослабен со неиграњето на плејмејкерот Ненад Димитријевиќ, а најверојатно и на Андреј Јакимовски поради настапи во своите првенства, засега фигурираат 10 интернационалци, а единствен дебитант на списокот е младиот бек на Работнички, Андреј Шошкиќ (17), кој две години во низа (2022, 2021) беше избран за најдобар млад кошаркар во македонскиот шампионат.
Викендов низ цела Европа се играа куп-натпревари, така што и другите селекции ќе имаат само мини-подготовки. За Јончевски и двата натпревара што следуваат се мошне битни за зачувување на првото место во групата Д, иако многу работи можат да бидат познати уште на дуелот со Словачка.
Во игра се повеќе опции, па дури и со два пораза Македонија да се пласира понатаму, но само ако ѝ одат во прилог резултатите од другите натпревари, на пример Данска во претпоследното коло да ја победи Норвешка или Македонија да загуби од Словачка со најмногу три поена разлика итн. Сепак, уште една победа на Македонија ќе значи сигурен пласман во главните квалификации. Македонија во Скопје ја совлада Словачка со 79-75, а во Струмица убедливо со 58-36 беше победена Норвешка.

– Останувам оптимист и на двата претстојни натпревари. Против Словачка и против Норвешка одиме на победа, оти секој триумф е драгоцен и, секако, многу ќе им значи и на кошаркарите и мене како селектор – вели Јончевски.
Во овие претквалификации за ЕП 2025, Македонија игра и за пласман во претквалификациите за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз. Вкупно 12 селекции што не се пласираа во втората рунда од европските квалификации за СП 2023 ќе бидат меѓу 40-те репрезентации што ги исполнуваат условите за учество на еден од предолимписките квалификациски турнири, а покрај нив, шанса добиваат и победниците на вториот круг од претквалификаците за ЕП 2025, од групите Д, Е и Ф.
Поширок состав: Бобан Стајиќ, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Војдан Стојановски, Дамјан Робев, Адем Мекиќ, Андреј Јакимовски, Филип Бакоч, Виктор Ефремовски, Ненад Димитријевиќ, Андреј Шошкиќ, Андреј Митревски, Виктор Ташовски, Бојан Крстевски, Ти Џеј Шортс, Теодор Симиќ, Амар Хот, Стојан Ѓуроски, Ваљмир Какруки, Димитар Пандев, Лејсон Зеќири, Андреј Маслинко, Максим Митевски, Страхил Николов. Г.И.


ГРУПА Д

Словачка – Македонија четврток, 18 ч.
Данска – Норвешка четврток, 19 ч.

ТАБЕЛА
Македонија 4 4 0 8
Норвешка 4 2 2 6
Словачка 4 2 2 6
Данска 4 0 4 4