Гнев против воената машина

За неколку дена, на 24 февруари, ќе се одбележи годишнината од почетокот на војната во Украина. И тоа погрешно! Бидејќи таа војна започна многу порано (најмалку од 2014 година со т.н. Евромајдан обоена револуција)… Колку што од аналитички аспект е важно да се утврдат корените на настаните, кои сега толку вознемируваат и тектонски го поместуваат светскиот поредок, уште поважно е да се одговори дали се наѕира крајот на крвопролевањето. За жал, сиот досегашен тек на војната и она што се случува околу неа повеќе наликува на увертира на нешто многу пострашно. По средбата на министрите за одбрана на членките на НАТО следува редовната Минхенска конференција (онаа што ги затвори ушите пред предупредувачките зборови на Путин во далечната 2007 година). Бајден се подготвува за нов рекорд: астрономски воен буџет на САД (небаре досегашните немаа лимит само до ѕвездите). Во чекор го следат сите други големи сили, вклучувајќи ја и Јапонија, која го напушти својот мировен устав и влегува во трката во вооружување. За скандинавските мировни социјалдемократии и да не зборуваме: Европа веќе нема земји на кои ќе се угледува по мировниот и демократскиот индекс. Американскиот професор Стефан Ајсман заклучува дека САД не се само несигурна суперсила туку и суицидна суперсила што си нанесува фатални повреди трошејќи четвртина од вкупниот државен буџет за воени цели. Она што може да се додаде е дека САД со својата самоубиствена политика се закануваат да го понесат и светот со себе. Да не бидам погрешно разбрана: Русија е еднакво милитантна и во Украина таа е агресорот, ако се држиме по меѓународното право – исто како што изминатите триесетина години САД беа агресор од Авганистан до Либија и Сирија, а и натаму војуваат со цивилните популации на овие свои жртви преку санкции, дури и во време на катастрофален земјотрес. Машината има многу бои, ама претставува уништувачка моќ!
Изминатата година видовме дека сите надежи и приказни за меѓународното право, за ООН, за дипломатијата, па и за ЕУ како мировен проект биле само химера. Победник во оваа војна е Машината, т.е. воено-индустрискиот комплекс и неговата милитантна филозофија. Најголем пораз доживеа мировното движење, кое не само што однатре се подели (околу тоа дали Украина треба да се гледа како втор Виетнам, па оттука да се поддржи отпорот на Зеленски и поддршката за колективниот Запад) туку остана и на маргините. Не е ни чудо, имајќи предвид дека секој глас што зборуваше за мир преку запирање на воените дејства, почеток на преговори, разоружување (вклучувајќи и распуштање на НАТО) беше ставен на црна листа.

Најпознатата е онаа на Владата во Киев, на која се најдоа многу професори, новинари, мировни активисти, интелектуалци. Но свој „црн тефтер“ си има секоја страна што во барањата за демилитаризација гледа кукавичини јајца. Сепак, меѓународното антивоено и мировно движење никогаш не било позначајно од денес. Се чини дека последен пат кога „светското јавно мислење стана трета голема сила на светот“ (како што го нарече „Њујорк тајмс“) беа најголемите протести од 15 февруари 2003 година, кога низ целиот свет се протестираше против започнување војна против Ирак (која навистина започна еден месец подоцна, а знаеме и како заврши – ако е воопшто завршена). Битно е дека оттогаш до денес мировното движење спласна, се обесхрабри, се подели, а дел од него дури и фати страна. Меѓународните врски се прекинаа ефективно, па така едвај и да може да се зборува за подадена рака или симболичен сојуз на мировни движења од различни страни на светот.
Оваа колумна ја пишувам на денот кога ќе се одржи голем мировен протест, собир под назив „Гнев против воената машината“. Името очигледно асоцира на познатата хеви-метал музичка група „Рејџ агенс машин“. Во 1990-тите таа беше еден од ретките гласови против американската империја и нејзината технофашистичка идеологија (како што ја нарекуваа тие). Гневот на групата беше насочен не кон СССР или комунизмот, туку кон расизмот, сиромаштијата, колонијализмот и империјализмот на „својата држава“. Не случајно едно од нивните цедеа носеше назив „Злата империја“, а на нејзините концерти се гледаше американското знаме свртено наопаку и ликот на Че Гевара. Ве чуди ли што постепено беа забранети и исфрлени од етерот?
Поради временската разлика нема да можам да го искоментирам текот на настанот што со своето мото потсетува на широкиот спектар на прашања поради кои свесните луѓе треба да се здружат: од мегаломанскиот воен буџет и социјалната неправда до Асанж и можната нуклеарна катастрофа. Самата најава на собирот предизвика бура и покажа како стоиме ние, на (западниот) мировен фронт. (Велам, западниот затоа што „ние сме НАТО“, нели?) Со еден збор: поделени! Познатата антивоена организација од САД, „Ветераните за мир“, најави дека нема да учествува на собирот, додека „Коудпинк“ (антивоената женска организација) ѝ забрани на својата најпозната активистка и основачка Медеа Бенџамин да одржи говор на собирот.

(Таа сепак ќе учествува без да одржи говор.) Меѓународниот комитет на Четвртата интернационала веќе фрли клетва дека ваквиот собир не е вистински начин да се спречи трета светска војна. Сличен став имаат и некои организации што се борат против расизмот – за нив агендата на овој собир била „премногу бела“. Сите тие на еден или друг начин се сложуваат дека овој настан е средство да се внесе конфузија во редовите на младата популација и работничката класа. Нивната главна замерка се однесува на „коалицијата меѓу левицата и крајната десница“, т.е. на нечистата идеолошка платформа врз основа на која се организира овој собир. Овој настан барем во САД ги разбранува духовите и доведе до јасно изјаснување околу суштинското прашање: дали војната во Украина може да се реши со воени средства (т.е. со победа на Украина и на колективниот Запад)? Одговорот на вистинското антивоено движење не може да биде друг освен – антивоен! Оттука, секој чекор кон деескалација е чекор кон барем негативен мир, мир заснован на примирје во кое ќе престане да се лее крв додека се трага по прифатлива солуција.
Другите застапници на левицата, оние што нема да пребираат со кого ќе протестираат, сметаат дека привремениот заеднички фронт на луѓе од сите страни на политичкиот спектар што се против војната како најважно и егзистенцијално прашање е единствен начин на ефикасен отпор против Машината (а таа е спој на милитаризмот и корпоративниот капитал). Крис Хеџис, еден од најбрилијантните критичари на американскиот империјализам, со право вели: не постојат трајни сојузници, само трајна моќ! А Машината веќе има безброј начини да ги спротивстави луѓето, да ги подели по разни (културни, идентитетски, па и идеолошки) основи. Само оној што не учествувал во организирање движење „одоздола“ (grass-root како што милуваат да го наречат на запад) не знае колку се тешки овие дилеми. Сме ги имале и ние, дури и кога протестиравме за Преспа или за некои други важни прашања. Тезата е: сакам масовни протести, ама од масите да се издвојат сите оние што мене/нам ни се неприфатливи, назадни, непрогресивни, небањати и слични. Оние што се држеа до „чистотата“ си останаа настрана или по кафеаните и социјалните мрежи, да „сечат вени“ против неправдите, ама да не се мешаат со проста маса.

Овде прашањето е многу посуштинско (иако за Македонците апсорбирани во својата болка тоа може не се чини така): во прашање е опстанокот на човештвото! Парадоксот е дека десничари и кловнови во левичарска кожа, како Трамп или Зоран Милановиќ, се меѓу единствените припадници на елитите што ги кажуваат нештата без ракавици. Меѓу новинарите дојдовме до тоа дереџе Такер Карлсон, со кого не би се сложиле по многу нешта, да биде глас на разумот против воената машинерија. Тој го прави тоа од првиот ден на војната, ако не и претходно.
Во Македонија вчера беше обична недела. Слично е и во регионот, ама и во Европа. Ние сме дел на воената машина, дури и ако сме воени Лилипутанци. Уште пострашно е што сме морални Лилипутанци, што едвај и да слушнете организиран или индивидуален глас за запирање на војната и за распуштање на НАТО како долгорочна цел во свет што тргнал по ѓаволите. Наместо гнев против машината, гледате примери каде што името на великиот Рацин (кому цел свет братски му беше) се узурпира од група платени активисти и божем новинари, кои мисијата на НАТО ја споија со таа на социјалната правда, а под онлајн платформа со името на поетот. А стиховите на Рацин се стихови на љубов, ама и на гнев против моќта и машината, а „во очите матни и не сакајќи сама се дига фуријата.“ Попусто му го валкаат името. Светло е тоа, и силно ќе светне ден. Бидејќи нема тивко да заминеме во ноќта. Се надевам.