Фото: Фејсбук/Официјална страница на НБА-лигата

Тимот на Јанис Антетокумпо го победи тимот на Леброн Џејмс со 184-175 на олстар-натпреварот во кошаркарската НБА-лига, одигран ноќеска во Солт Лејк Сити.

Џејсон Тејтум одигра историски натпревар и мечот го заврши со 55 поени, соборувајќи го досегашниот рекорд кој го држеше Ентони Дејвис со 52 поени. Тејтум е првиот играч во историјата кој постигна 50 или повеќе поени во еден натпревар во регуларниот дел од сезоната и на олстар-натпреварот.

Одличен беше Донован Мичел со 40 поени, Дејмион Лилард забележа 26, Лаури Марканен 13, а двоцифрен во тимот на Јанис Антетокумпо беше и Паскал Сијакам со 12 поени.

Во тимот на Леброн Џејмс, актуелниот двократен МВП на НБА-лигата Никола Јокиќ го заврши мечот со 4 поени, 5 скока, 6 асистенции и 2 украдени топки, додека Лука Дончиќ имаше 4 поени, 2 скока и 5 асистенции.

Имаше интересен момент при бирањето на составот на почетните петорки од страна на двајцата капитени, Леброн Џејмс и Јанис Антетокумпо, кога Јокиќ му пријде на Џејмс, односно самоиницијативно се приклучи на неговата екипа.

Српскиот репрезентативец требаше да биде избран во последната, четврта рунда, при што немаше увид дека тој не е последниот неизбран кошаркар во тој момент, оти остана и Финецот Лаури Марканен.

– Мислев дека бев последен и станав. Се почувствував лошо поради тоа, особено кога загубивме. Навистина мислев дека сум последен, не го видов Марканен, направив грешка. Ни јас не би се избрал себеси, не сум баш погоден за овие мечеви – кажа Јокиќ по олстар-мечот.

Џејлен Браун беше најефикасен со 35 поени, Кајри Ирвинг и Џоел Ембид постигнаа по 32, а Ирвинг додаде и 15 асистенции, додека Тајрис Халибартон постигна 18 поени, Леброн Џејмс 13, а Ентони Едвардс постигна 12 поени.

Антетокумпо одигра само 20 секунди, бидејќи пријави повреда и по забивањето за првите поени од мечот, направи прекршок, ја напушти играта и не се враќаше на теренот.

Леброн Џејмс играше малку повеќе, поминувајќи го првото полувреме на паркетот, па дури и фати атрактивно забивање за асистенција на Јокиќ, но потоа пријави и повреда и не играше во вториот дел.

Тој беше таму да ги поздрави ќерките на покојниот Коби Брајант, и да прими честитки од великаните на НБА, за неодамна соборениот рекорд на Карим Абдул Џабар за најмногу поени во историјата на НБА-лигата.

Наредната година олстар-натпреварот ќе се одржи во Индијанаполис.