Македонскиот селектор на вчерашниот утрински тренинг можеше да смета на сите повикани кошаркарки, пред мечот со БиХ, утре во Сараево

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2023

Селекторот на македонската женска кошаркарска репрезентација Александар Ашаданов, на вчерашниот утрински тренинг во СРЦ „Кале“ во Скопје, можеше да смета на сите повикани кошаркарки, пред предвиденото вчерашно вечерно заминување за Сараево за натпреварот со БиХ, утре (20 ч.), во петтиот, претпоследен натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во Израел и во Словенија. На тренингот присуствуваше и ударното трио, предводено од капитенката Анџелика Митрашиновиќ, Нена Трајчевска и Александра Стојановска.
Кошаркарките на БиХ се подготвуваат во Сараево пред последните два квалификациски меча за пласман на ЕП 2023.
– Овој мини-циклус до првиот натпревар со Македонија ќе го одработиме на најдобар можен начин. Имаме уште теоретски шанси да се пласираме на ЕП. Ако ги добиеме двата натпревара, ќе бидеме втори и ќе зависиме од другите резултати, оти четирите најдобри второпласирани селекции одат на ЕП. Има шанса да се отворат уште две места доколку Израел и Словенија, како домаќини на ЕП, бидат први или втори во своите групи. Македонија сега има нова натурализирана Американка и никако не смееме да ја потцениме. Но ние, секако, ќе одиме докрај. Целта е секогаш да победиме – изјави за тамошните медиум, селекторот на БиХ, Горан Лојо.
На табелата по седум бода имаат Белгија и Германија, БиХ има шест, а Македонија со четири бода ги загуби шансите за пласман за ЕП 2023, на кое од секоја од 10-те квалификациски групи ќе се пласираат првата и четирите најдобри второпласирани селекции. Г.И.