НБА
Кошаркарите на Феникс го совладаа Лос Анџелес лејкерс со 121-110 и на тој начин ги оставија „езерџиите“ и легендата Леброн Џејмс без посакуваниот плејоф во НБА-натпреварувањето. Девин Букер одигра клучна улога во рекордниот 63-ти триумф сезонава за Феникс (рекорд на франшизата), постигнувајќи 32 коша, седум скока и четири асистенции. Кај поразените, Расел Вестбрук даде 28, додека Ентони Дејвис 21 кош.
Сѐ беше решено кога Феникс го отвори вториот дел со серија од 29-9 и со тоа го реши прашањето на победникот. Леброн Џејмс не го одигра вториот меч во низа поради повреда на скочниот зглоб, дуелот го следеше од трибините, а Лејкерси го забележаа и седмиот пораз во низа.
Големата тројка Џејмс, Дејвис и Вестбрук одиграа само 21 меч заедно годинава. На тие натпревари нивниот резултат е 11 победи и 10 порази, што е далеку под очекувањата за клуб, во кој само за плати се вложени 164 милиони долари. Моментно во Западната конференција води Феникс (63-16), пред Мемфис (55-24), а Лос Анџелес лејкерс е 11-ти (31-48). Во Источната конференција прв е Мајами (52-28), пред Бостон (49-30).
Други резултати: Орландо – Кливленд 120-115, Оклахома – Портланд 98-94, Јута – Мемфис 121-115 (по продолжение), Сакраменто – Њу Орлеанс 109-123, Мајами – Шарлот 144-115, Минесота – Вашингтон 114-132, Торонто – Атланта 118-108, Чикаго – Милвоки 106-127.