Леброн Џејмс / Фото: ЕПА

Долгоочекуваниот момент дојде на четири минути до крајот на првото полувреме
од победата на Лејкерс против Феникс со 110-103, кога дуото беше претставено од тренерот Џеј Џеј Редик

КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Леброн Џејмс и неговиот син Брони испишаа историја откако станаа првото дуо татко-син што го дели теренот во НБА-натпревар за време на отворањето на новата сезона на Лос Анџелес лејкерс против Минесота. Долгоочекуваниот момент дојде на четири минути до крајот на првото полувреме од победата на Лејкерс од 110-103, кога дуото беше претставено од тренерот Џеј Џеј Редик. Присутната публика во арената „Крипто“ со огромен аплауз го поздрави моментот кога двојката излезе на теренот. Двојката исто така играше заедно и претходно овој месец, но за време на претсезонскиот меч на Лејкерс против Феникс – пишува „Би-би-си“.
– Отсекогаш семејството беше над сѐ. Изгубив многу време поради оваа лига, за да можам да го имам овој момент во кој сѐ уште играм и можам да играм заедно со мојот син. Тоа е еден од најголемите подароци што некогаш сум ги добил и целосно ќе го искористам – рече Леброн.
Сето тоа на теренот го гледаа Кен Грифи Постариот и Кен Грифи Јуниор, кои влегоа во историјата на бејзболот во главната лига, играјќи за Сиетл како татко и син во 1990-1991 година.
Брони (20) на крајот одигра три минути во првото полувреме, промашувајќи ги двата обиди за кош од поле со еден офанзивен скок. Леброн, пак, собра осум поени за 17 минути игра пред паузата, а натпреварот го заврши со вкупно 16 поени за 35 минути.
– Да отидеш до записничката маса и првпат да се пријавиш беше луд момент што никогаш нема да го заборавам. Едноставно сум исклучително благодарен за сѐ – изјави Брони, кој им се приклучи на Лејкерс како пик во вториот круг од драфтот во јуни од Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Леброн (39) е рекордер во НБА-лигата на сите времиња и четирикратен победник во ова натпреварување. Ветеранот ја игра својата 22. сезона во НБА-лигата. Тој потпиша нов двегодишен договор со Лејкерс по доаѓањето на Брони во франшизата. Г.И.


Бостон израмни рекорд на Милвоки

Во вториот натпревар од новата сезона, Бостон славеше над Њујорк со 132-109. Шампионот, кој пред средбата ги доби шампионските прстени, доминираше во текот на целиот меч, а постигнаа дури 29 тројки, со што го израмни рекордот на Милвоки од 2020 година, но ги пропушта последните 13 обиди за три поени во обидот да го собори рекордот. Од нив, Џејсон Тејтум уфрли осум. Бостон погоди 17 шута за три во првото полувреме, што е уште еден клупски рекорд. Тејтум беше најефикасен со 37 поени и десет асистенции. Кај поразените, први стрелци беа Џејлен Брансон и Мајлс Мекбрајд со по 22 коша. Регуларниот дел има 82 кола, а на 20 април почнува плејофот.