Знаеме дека Данска е сериозен противник, играме на гости, но сметам дека сме подготвени за предизвикот што нѐ очекува и затоа сме целосно фокусирани на овој меч, вели бекот Ненад Димитријевиќ
ПРЕД ДЕНЕШНИОТ ПРВ МЕЧ ВО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025
Македонската машка кошаркарска репрезентација предводена од новиот селектор Александар Јончевски, денеска во Нествед (19 ч.), ќе го одигра првиот натпревар од групата Д против домаќинот Данска, во рамките на претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Три дена подоцна, в недела, во Скопје во СРЦ „Кале“, ќе гостува селекцијата на Словачка. Во групата Д е уште Норвешка, а само првопласираната репрезентација од секоја група ќе игра во квалификациите за ЕП во 2025, додека другите три што нема да успеат да бидат први во групите ќе имаат дополнителна шанса.
– Важно е почетокот да биде добар. Знаеме дека Данска е сериозен противник, играме на гости, но сметам дека сме подготвени за предизвикот што нѐ очекува и затоа сме целосно фокусирани на овој меч. Имаме една добра група играчи, трениравме заедно и верувам дека добро ќе одговориме за предизвиците што нѐ очекуваат.
Сега ќе размислуваме за Данска, а потоа и за другиот натпревар што нѐ очекува во Скопје со Словачка – вели организаторот на играта на црвено-жолтите, Ненад Димитријеви, кој по завршувањето на сите формалности околу преселбата од Валенсија во Казан, со мало задоцнување им се приклучи на другите репрезентативци и на селекторот Јончевски во подготовките за претстојните два августовски дуела.
Македонија ќе настапи забележливо ослабена на овој меч на високите центарски позиции. Во репрезентацијата поради повреда отпаднаа Љубомир Младеновски, Адем Мекиќ, Бобан Стаиќ, Американецот Шејн Витингтон, додека Џејкоб Вајли поради ангажман во Јапонија не успеа да се приклучи.
Најголемата опасност за Македонија, секако, ќе доаѓа од бекот Габриел Лундберг (27), кој има НБА-искуство, а моментно е член на новиот клуб Виртус од Болоња, но и другите негови соиграчи се солидни кошаркари.
Спортската арена „Нествед“ е повеќенаменска сала со капацитет од 3.500 гледачи, во која прв поголем настан што се одржал бил Светското првенство (СП) во ракомет за жени во 2015 година.
Во вториот натпревар од оваа група, час порано се среќаваат репрезентациите на Словачка и на Норвешка. Г.И.